домаГУГУТКА ГУГАГугутка Гуга - ЗАНАЕТИ - БОЈАЏИЛНИЦА БОЈО

Гугутка Гуга – ЗАНАЕТИ – БОЈАЏИЛНИЦА БОЈО

Занаетчии – бојаџија

Соговорник и сопственик:

Екрем Незири

Во бојаџилницата “Бојо” која се наоѓа во старата Скопска Чаршија, разговаравме на кратко со сопственикот Екрем Незири. Овој дуќан, тој го наследил од неговиот татко. Татко му најпрво бил ученик, потоа чирак, па калфа, за да на крај го наследи дуќанот и занаетот од тогашниот сопственик Љупчо Бојаџиев. Љупчо, сакајки да се пензионира, немал на кого да го остави занаетот да живее, па бидејки видел дека таткото на Екрем ја гаи љубовта во овој занает, во бојадисувањето, одлучил да му го предаде дуќанот нему. Му упатил и молба да не го затвора дуќанот и ако може да ја пренесе оваа работа и на неговите деца, со зборовите: “Со овој занает секогаш ќе имаш работа. Ако нема да тече-ќе има да капе. Без леб нема никогаш да останеш.”

.Во 70ите години од минатиот век собирале околу 700кг волна неделно за работа. Во минатото волната била често употребен материјал за изработка на џемпери, чорапи, делови од носија, јамболии и сл. Сточарството било доста развиено, се чувале голем број на овци, па имало и волна.

Во денешно време, за боење се носат повеќе ткаенини од памук, свила, вискоза, најлон. Се врши фарбање на текстил, на облека која е побелена или уништена на некој начин, па доколку е возможно се фарба во иста боја или друга, потемна, која ќе ја прикрие штетата на ткаенината.

Екрем вели дека во овој дуќан се работи со стари техники. Работат со заштитна опрема: заштитно одело, гумени чизми, ракавици, наочари. Текстилот се фарба во бакарни казани. Во дуќанот има 3 казани кои загреваат вода на оган. Порано се загревала на дрва или јаглен, а денес се загрева со помош на нафта. Се чека водата да се загрее на температура од 30-40°. Се става бојата и се меша убаво. Боите со кои работата се природни, но доколку е потребно се става и некоја хемикалија. Мора да се има и посебно знсење да се определи бојата, бидејки и тоа се прави мануаелно. Од една боја можат да се изведат и до 10 други нијанси. Доколку се фарба волнена ткаенина, се става и вид на киселина. Доколку е друг материјал, се става друга хемикалија, за да може бојата да остане на ткаенината, т.е за да “не пушта” при наредните перења. Процесот на мешање е многу тежок. Некои ткаенини откако ќе се натопат со вода стануваат до 10 пати потешки. Мешањето во казанот мора да биде константно, за да бојата фати рамномерно, во спротивно, ткаенината ќе биде шарена.

Во денот бојадисуваат од 4 до 8 часа, во зависност од тоа колку работа има. Една тура со 10 до 15кг ткаенина, трае околу 50 минути.

Во минатото имало поголема заинтересираност за овој занает како кај клиентите, така и кај оние кои сакале да го научат. Денес, заинтересираноста е значително помала. Екрем вели дека иако еден од неговите синови го завршува високото образование, истовремено доаѓа и работи во дуќанот, што му причинува вистинска радост. Негова желба е синот да го превземе дуќанот еден ден и да ја продолжи дејноста со голема љубов токму како неговиот татко, неговиот дедо и со исполнување на аменетот од првиот сопственик, Љупчо Бојаџиев.

Ден 18 април 2025

00:01:17