Варвара или Варвинден — еден од поголемите христијански празници од зимскиот циклус којшто е непроменлив празник и секогаш се паѓа на 4 декември, односно на 17 декември по стариот календар. Меѓу народот постои верување дека не се оди никаде на гости на овој ден, туку дека се седело дома. Се верува дека денес кој прв влезе дома таква ќе биде годината. Кој ќе те полази таква среќа ќе ти донесе, затоа народот верувајќи во ова гледал прво мало дете да ти стапне прво дома па среќа ,радост, мила да ти биде годината. Или пак тој што ќе влезе да носи леб со него – за бериќет.
Света Варвара е родена во градот Илиопол Мисирски, од богат татко по име Диоскор, но во верата незнабожец. Својата ќерка единица, мудра во умот и убава во ликот, Диоскор ја затвори во висока кула, ја опкружи со секакви удобности, ѝ даде слугинки да ја служат, ѝ постави идоли за поклонување, ѝ изгради бања со два прозорци. Гледајќи ги низ прозорецот земјата долу и ѕвезденото небо во висините, на Варвара ѝ се отвори умот со Божествената благодат, па Го позна единствениот вистински Бог и Создател, иако немаше никого од луѓето за учител во тоа. А кога нејзиниот татко еднаш се оддалечи од градот, таа излезе од кулата и по Божја Промисла се сретна со некои христијанки коишто ѝ ја јавија вистината на Христовата вера. Срцето на Варвара пламна со љубов кон Господ Христос. Таа нареди да се пресече и трет прозорец на бањата за да бидат трите прозорци симбол на Света Троица; на една карпа во бањата нацрта со прстот крст и крстот се вдлаби во каменот како врежан со железо; од нејзините стапала на подот од бањата избиваше извор со вода којашто подоцна на мнозина им донесе исцеление од болестите. Кога дозна Диоскор за верата на својата ќерка, сурово ја биеше, ја протера од кулата и ја гонеше за да ја убие. Карпата се отвори и ја скри Вравара од суровиот татко. Кога му се јави повторно, татко ѝ ја однесе пред началникот Мартијан, на кого што му ја предаде за мачење. Невината Варвара ја расоблекоа и ја биеја, додека целото тело не ѝ го прекрија во рани и крв. Во затворот ѝ се јави Самиот Господ со ангели и ја исцели. Кога го виде тоа една жена Јулијанија и самата посака мачеништво. Обете беа ужасно мачени и со исмевање ги водеа по градот. Им ги отсекоа градите и од нив истече многу крв. Најпосле ги изведоа на губилиште, каде што таткото самиот си ја закла ќерката, а војниците ја заклаа Јулијанија. Истиот тој ден удри гом во куќата на Диоскор и ги уби него и Мартијан. Света Варвара пострадала во 306 година. Нејзините чудотворни мошти почиваат во Киев. Прославена во Небесното Царство, Св. Варвара многупати им се јавува на мнозина, понекогаш сама, а понекогаш со Пресвета Богородица.
Игнат денот се кревал колку врв од игла, а од Игнат до Васил пак како врв од игла. Култот на Света маченица Варвара особено популарен бил во Разлошко каде што се верува дека таа била од овој крај и дека тука настрадала. Овде се изведуваат интересни обичаи, се празнува со собири и панаѓури. Се вели дека празникот Варвара е на средината на Божиковите пости. Тогаш девојките и момчињата се облекувале во специјална облека со специјални капчиња на главите оделе кај црквата Света Петка над селото,тамо играле и пееле, а потоа се враќале и во групи ужинале во некоја куќа каде што специјално за нив се спремало храна. Потоа пак играле и пееле повеќе обредни песни меѓу кои и “Света Варвара букосава Свети Никола”.
