Шупелка и двојанка
Шупелка
Шупелка е македонски народен дувачки инструмент, сличен на кавалот (отворен од двата краја), со исклучок на тоа што шупелката е пократка (240-350 мм). Се прави од ореово, дреново, јасеново или јаворово дрво.
Шупелката свири две октави, со исклучок на првата нота од долната октава. Во долниот регистар, шупелката оддава мек и пријатен звук, додека во горниот регистар звукот ѝ е остар и пискав.
Овој инструмент има шест дупки и е стеснет при горниот крај. Се свири со трите средни прста од двете раце и се држи под агол од 45°. Се користи за солистички импровизации како и заедно со други инструменти.
Двојанка
Двојанката се нарекува и слагарка или двојно кавалче. Таа е дрвен дувачки народен музички инструмент. Изработена е од дрво во надолжна призмовидна форма, со два паралелни цевчести отвора, со посебни засвирачи на горните отвори од мелодиските цевки („двојно кавалче“). На предната страна на десната мелодиска цевка има шест мелодиски отвори, а на другата мелодиска цевка има само еден мелодиски отвор што константно произведува еден тон, т.е. бордунира.
