Модрич
Селото се наоѓа во областа Дримкол, во северозападниот дел на територијата на Општина Струга, чиј атар се издига до сртот на планината Јабланица, каде што се допира со државната гранична линија со Албанија. Селото е планинско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 880 до 1.000 метри. Од градот Струга е оддалечено 25 километри.
Селото е од разбиен тип и во моментов брои околу 50-тина куќи и останати малкумина постојани жители, претежно стари лица.
Модрич е познат по својата уникатна местоположба и чистиот воздух, изворите со вода за кои е и снимен игран филм на таа тема „Време Води“ од Бранко Гапо, гостопримливота и отвореноста на луѓето кои живеат или потекнуваат од таму. Претставува одлично место за одмор, спортски риболов (Дебарско Езеро – 10км и Глобочица – 10км), лов на дивеч
Тврдината којашто се наоѓала во Модрич во текот на османлиското владеење била од големо значење поради нејзината стратешка позиција на левиот брег од реката Црн Дрим, непосредно до патот од Охрид до Дебар. На другата страна од патот се наоѓал Коџаџик (тогаш Светиград).[3] На почетокот од османлиското владеење Модрич најверојатно бил дури и позначаен од Коџаџик.[4] Во ноември 1443 година Скендербег се побунил против султанот и тврдината во Модрич станало негово упориште. Истото се толкува во делата на албанскиот историчар и католички свештеник Марин Барлети.[5]
Во 1448 година, султанот Мурат II ја опседнал тврдината во Светиград. Првата битка меѓу војската на Скендербег и отоманската војска во Опсадата на Светиград (1449) се одиграла кај тврдината Модрич.[6]
Во 1452 година, отоманската војска од Охрид ги нападнале скендербеговите бунтовници, но била поразена кај Модрич. На чело на бунтовниците стоел Хамза Кастриоти.[7][8]
Според Стефанаљ Поло и Арбен Путо, во 1456 година внукот на Скендербег, Георги Стреши Балшич, ја продал тврдината на Османлиите.[9] Во 1467 година Модрич бил регистриран како тимар на извесен Синан кој бил диздар на тврдината Модрич. Тврдината најверојатно била уништена до тој степен што во неа немало гарнизон, а нејзина реконструкција била или невозможна или непотребна.[10]
За тврдината денес сведочат остатоците на ѕидините, гробници, стари монети итн.[11]
Во XIX век, Модрич било село во рамките на Дебарската Каза на Отоманското Царство.
Археолошки наоѓалишта[24]
- Градиште — утврдена населба од доцноантичко време и средновековна населба со некропола.
Цркви[25]
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — главна селска црква;
- Црква „Св. Никола“ — помала црква на влезот во селото;
- Црква „Св. Атанасиј“ — црква во Кочеа маало;
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — се наоѓа во Долно маало; и
- Црква „Св. Архангел Гаврил“ — метох на Бигорскиот манастир, камен-темелник осветен и поставен на 26 јули 2004 година.
Реки
- Модричка Река — поминува низ селото, притока на Црн Дрим
Споменици
- Споменик од НОБ
