Ова село се наоѓа во Охридското Поле, недалеку од самиот град Охрид, во североисточна насока, и од патот Охрид-Ресен, па затоа припаѓа на рурбалната зона на градот. Атарот на селото се издига до сртот на Петринска Планина, каде што се допира со подрачјето на Општина Ресен. Селото е рамничарско-ридско, на надморска височина од 727 метри.
Велгошти претставува најголемо село во Охридско. Се наоѓа во непосредна близина на градот Охрид. До крајот на Втората светска војна, сите куќи биле збиени и без некој особен ред во подножјето на стрмниот карпест отсек. Меѓутоа, во поново време, селото добило нови жители, чии куќи се изградени на рамнината покрај патот Охрид-Ресен. Поради тоа може да се каже дека е рамничарско село со современи куќи.
Денес, селото припаѓа на приградската зона на градот Охрид. Поради ширењето на селото, истото ја загубило својата земјоделска функција. Најголемиот дел од жителите работат во индустријата.
Во селото постојат пет маала: Давидовци (најстаро), Баракоа, Горно, Средно и Долно
Најверојатно етимологијата на името „Велгошти“ е прасловенска и доаѓа од *velьjь = голем, и *gostъ = гостин или големи, значајни гости.
Меѓу првите жители на селото бил и сточарот Веле, кој одгледувал кози и овци. Покрај неговата колиба поминувал патот од Охрид за Ресен и кај него редовно навраќале трговци и други намерници. Меѓу себе, но и со други, велеле дека дека „Веле гоштева“, со што со тек на време дошло до денешната форма на селото „Велгошти“.
Постарите мештани кажуваат дека селото не се наоѓало на денешната положуба, туку во месностите Самој Куќи и В. Илинец. На овие места и денес се наоѓаат остатоци.
Првите податоци за селото се објавени во книгата на Б. Нушиќ од 1894 година, кога во селото имало 200 куќи, од кои 20 турски. Тогаш, се споменуваат и старата црква „Св. Пантелејмон“ (позната и како „Св. Климент“) и два манастири. Над селото се наоѓал манастирот „Св. Илија“, додека на пониска положба се наоѓал манастирот „Св. Петка“, ѕидан од камен.
За потребите на турското население, во селото постоела џамија, која денес е срушена. Од 1903 до 1912 година, сите Турци се иселиле во самиот град Охрид.
Во текот на Илинденското востание, селото било запалено. По пожарот, куќите биле обновени, но со послаб материјал. При земјотресот во 1911 година, куќите во селото повторно биле оштетени. Состојбата во селото била влошена и со отпочнувањето на Балканските војни и на ПСВ.
Во манастирот „Св. Петка“ во селото на 6 јули 1901 година била создадена првата востаничка чета во Охридско.
Во селото има основно училиште, градинка, амбуланта и дом на култура.
Во близина на селото можат да се најдат повеќе културни обележја како:
- Црква “Св.Климент” — главната селска и парохиска црква, изградена во 1882 година;
- Црква “Св.Димитриј” — еднокорабна црква изградена во 1982 година на стари темели;
- Црква “Св.Недела” — камен-темелник осветен и поставен во 1981 година, а осветена е во 1987 година;
- Црква “Св.Илија” — манастирска црква, изградена во 1937 година. Фртескоживописот и иконостасот се изработени во 1946 година, од страна на зографот Рафе Колевски од Лазарополе. Возобновена е во 1970 година;
- Црква “Св.Преполовение” — камен-темелник осветен и поставен на 25 мај 1974. Осветена е во 1975, а реосветена 20 години подоцна;
- Црква “Св.Богородица” — пештерна црква од 15век. Во 1991 година била опожарена, но се градела во периодот од 1991 – 1994 година и на 21 мај 1994 била осветена;
- Стара црква “Св.Никола” — манастирска црква. Градена во почетокот на 20 век;
- Нова црква “Св.Никола” — манастирска црква. Камен-темелникот е осветен и поставен на 22 мај 1995 година, а осветена е на 20 мај 2007 година;
- Црква “Св.Петка” — манастирска црква. Се наоѓа на ридот Олмец. Изградена е со амин на туркиот султан во 1890 година; и
- Црква “Св.Петар и Павле” — најновата црква. Зографисана е во 2010 година.
- Велгошки манастир — манастир во близина на селото
- Зад кула — средновековна населба;
- Кале — доцноантичка и средновековна тврдина;
- Котелица — средновековна црква и некропола;
- Мантица — средновековна црква и некропола;
- На Лазој — некропола од римско време;
- Олмец — утврдена населба од железно време;
- Св.Димитрија — средновековна црква;
- Св.Илија — средновековна црква;
- Турски гробишта — средновековна некропола;
- Чурила — средновековна некропола
