Свиниште — раселено село во Oпштина Битола, во областа Ѓават-Кол, во околината на градот Битола. По потопувањето на атарот на селото со Стрежевското Езеро во 1980-тите години, единствен остаток од некогашното село е главната селска црква.
Селото е ридско, сместено на надморска височина од 720 метри.
За првпат, селото се споменува во турскиот опширен пописен дефтер во 1519 година, кога е запишано како Свиништа.
Во XIX век, Свиниште било село во нахијата Ѓават-Кол во Битолската каза на Отоманското Царство.
Свињиштани биле добри ловџии, вредни дрводелци, мајстори, умееле да градат куќи и биле добри сточари и обработувачи на млеко и волна.
Во 1900 година во Свиниште имало 85 македонски жители.
Селото имало најголем број на жители во 1953 година – 235. По 1980 година селото е целосно раселено. На сите 150-тина свињиштани, односно на околу 40 домаќинства, на кои им биле одземени имотите поради градење на браната на “Стрежево” им биле изградени куќи во битолската Брусничка населба.
Според пописот од 2002 година, во селото Свиниште немало жители. Истото било потврдено и на пописот во 2021 година.
