домаГУГУТКА ГУГАГугутка Гуга - Селата во Македонија - Смилево

Гугутка Гуга – Селата во Македонија – Смилево

Селото претставува значајно место, бидејќи во него е одржан Смилевскиот конгрес и тоа претставува родно место на големиот национален деец Даме Груев, еден од основачите и водачите на ВМРО.

Името на селото веројатно доаѓа од личното име Смиле, кое е изведено од Смилјан или Смил, во XV век, со додавање на присвојната придавна наставка -во, со назнака дека тоа село му припаѓа нему.

Ова село се наоѓа во областа Ѓават-кол, во крајниот јужен дел на територијата на Општина Демир Хисар, чиј атар се издига на планината Бигла. Селото е ридско, на надморска височина од 880 метри. Од патот ДМир Хисар – Битола, селото е оддалечено малку повеќе од девет километри. Низ селото поминува Смилевска Река.

Смилево претставува мијачка колонија во демирхисарско. Било населено со мијаци, кои дошле од мијачијата кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, бегајќи од големите зулими и грабежи. Народните кажувања се дека до денешното село постоела брсјачка населба, која била нарекувана Старо Смилево. Доселените Мијаци продолжиле да се занимаваат со сточарство, но кога и во новиот крај се појавиле грабежи и несигурност, го оставиле сточарството и се насочиле кон ѕидарството. Така, селото станало познато со најголеми мајстори во областа.

Смилевци активно учествувале во борбите на ВМРО. Селото било местото каде се одржал и познатиот Смилевски Конгрес во периодот од 2 до 7 мај 1903 година, на кој било решено да се подигне Илинденското востание во Битолскиот револуционерен округ, а индиректно во Македонија и Одринско. За време на востанието селото било ослободено, но потоа селото е три дена разграбувано и опожарено.

Вечерта на 27 август 1906 година, селото било нападнато од преку 180 андарти предводени од капетанот Константинос Гутас, кои биле потпомогнати од турското население од околните села Обедник, Кажани и Рамна. Групата започнала со палежи, убивања и грабежи низ селото. Колежот траел цел ден иако само на еден час од селото се наоѓал турскиот гарнизон сместен во Гопеш. Следниот ден биле информирани конзулите од Битола, кои заедно со тројца англиски новинари дошле во посета на селото. Во колежот биле убиени 15 селани, од кои 3 жени, а тројца биле ранети, од кои една жена, и запалени 10 куќи.

Во селото е развиено и занаетчиството, па така мештаните одамна се занимавале со ѕидање на куќи, со преработка на кожа и волна, како и со преработка и продажба на огревно дрво и ќумур. Смилевци станале познати мајстори и биле ангажирани како ѕидари за многу објекти.

Денес, во селото работи земјоделска задруга, две продавници, една меана, три-четири ѕидари, еден авто-шлепар и превозник.

Во 1900 година во селото живееле 2200 жители, сите македонски христијани. Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 218 жители, од кои 203 македонци, 4 останати и 11 лица без податоци.

Главна селска слава во Смилево е Петровден, а се прави и голема прослава на Илинден.

Ако некогаш појдете во ова село, можете да ги видите:

  • Старо село — населба од средниот век
  • Црква “Св.Ѓорѓи” — главна селска црква
  • Црква “Св.Петар” — манастирска црква
  • Црква “Св.Димитриј” — параклис во селото.
  • Смилевски манастир — манастир над селото
  • Параклис „Св. Петка“
  • Параклис „Св. Недела“
  • Споменик на Даме Груев со спомен-парк, изграден во 1963 година
  • Споменик за херојските илинденци во селото
  • Споменик во чест на паднатите борци во НОБ

Ден 18 април 2025

00:01:17