Шишево се наоѓа во западниот дел на Скопската Котлина на 13 километри оддалеченост од центарот на градот Скопје. Селото се наоѓа во источниот дел на Општина Сарај и е споено со селото Глумово од кое е одделено само со мостот и реката Треска. Шишево е сместено во алувијалната рамнина на десниот брег на реката Треска, на нејзиниот излез од кањонот Матка поради што селото има благопријатна клима во текот на целата година. Дел од селото (заедно со неколку викенд-куќи) е распослано и на ридовите кои се дел од масиовот на планините Водно и Буковиќ.
Селото Шишево постои уште од средновековниот период. За тоа сведочат и остатоците и рушевините од средновековни манастири во месноста Манастириште која се наоѓа североисточно високо на ридовите над селото на патот кон Горни Грчец, како и пишаните докази во кои се споменува селото Шишево од кои најстариот потекнува од XIV век. Со доаѓањето на Турците, се менува етничкиот состав на селото со населување на неколку турски семејства но селото сепак го задржува својот македонски и христијански карактер кој го држи и ден денеска. Во текот на отоманскиот период, Шишево било село во Сарајот на Скопскиот бег кој тука имал изградено своја кула и конаци (од кои денес нема никакви остатоци) поради благопријатната клима и местоположба на селото на излезот од кањонот Матка, а во овој период селото го носело името „Качепури“. Доста стари пишани докази за Шишево се наоѓаат во турските пописни дефтери од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 за Скопскиот вилает од 1452/53 година, каде за селото Шишево е запишано дека во него живееле со 21 христијански македонски семејства кои произведувале пченица, јачмен, овес, ‘рж, просо, грав, бостан, лен, одгледувале лозја, чувале свињи и пчели и работеле една воденица со три камења и една валавница за што се остварувал севкупен обрт од приходи и давачки од 3151 акче[2]. Подоцна во XIV век во пописните дефтери од 1544 година Шишево имало 57 македонски христијански и 1 исламизирано муслиманско семејство, а во 1568 година биле регистрирани 72 христијански семејства[2]. Во пописните дефтери од 1544 и 1568 година има податоци дека ова село од султанот Бајазит ѝ било доделено на жена му на Мустафа паша како мулк[2]. Подоцна, таа го увакуфила ова село при завието што го изградила близу мостот, за што населението од Шишево било задолжено да го одржува и чува мостот, поради што било ослободено од сите редовни и вонредни државни даноци, како и од давање на војници – азапи, черахари, улаци, јаничари и сегбани, а исто така биле ослободени и од давање работници за поправки на тврдини (хисари)[2]. Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов – Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ од 21 мај 1855 година, во „Цариградски весник“ за селото Шишево (кај него стои Шешево) запишал дека е основано на реката Треска до манастирите Свети Никола и Свети Андреја[3]. Понатаму тој запишал дека во селото има стара црква со едно кубе, храм Свети Никола (т.е. денешната Свети Атанасиј), со славјански ракописи, како и 6 цркви разорени и други старини[3]. Кон почетокот на XX век се забележуваат првите населувања на Албанци на местото од Турците.
Селото Шишево е економски развиена средина пред сè поради својата близина до градот Скопје и својата специфична местоположба. Главна стопанска гранка на жителите на Шишево е земјоделството. На плодните ниви во алувијалната рамнина на реката Треска под голем број на пластеници и стакленици и на отворено се одгледува познатиот сочен шишевски домат, пиперки, краставици, кромид, лук, морков, зелка и др. Во помала мера се одгледува и пченка. Застапено е и сточарството преку одгледување на ситен и крупен добиток (овци, крави и телиња, свињи итн.). На блиските ридови на кои се изградени и повеќе викенд-куќи застапено е и овоштарството (јаболки, круши, сливи) и лозарството (постојат повеќе лозја од кои населението произведува домашни вино и ракија). Покрај земјоделството дел од населението на Шишево има или е вработено и свои приватни фирми во градежништвото, техниката, моторните масла и автомобилите кои успешно работат. Во Шишево постојат и неколку колонијални продавници и кафеани.
Во близина на селото се наоѓаат:
Шишевски манастир „Свети Никола“. Се наоѓа високо на стрмните падини на кањонот Матка на реката Треска, од нејзината десна страна.
Црква „Свети Атанасиј“. Се наоѓа во самото село односно на ридот во непосредна близина на последните куќи селото во југоисточен правец на десниот брег на реката Треска.
ФК Треска – клуб кој денес постои под името ФК Македонија Ѓорче Петров 1932 кој моментално е прволигаш. Кога функционирал во Шишево, седиштето и неговото фудбалско игралиште се наоѓало на самиот почеток на селото од десната страна спроти последната автобуска постојка на автобусот број 12.
Младото население на селото активно спортувало и во поранешната првичната Македонија Ѓорче Петров, а денес во Македонија Ѓорче Петров 1932 која е духовен наследник на стариот клуб, и во повеќе пливачки клубови во Скопје.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 3.958 жители, од кои 505 Македонци, 3.294 Албанци, 2 Турци, 87 Роми, 4 Власи, 3 Срби, 2 Бошњаци, 3 останати и 58 лица без податоци.
