Раштак
Селото наоѓа на 11 километри североисточно од Скопје. Тоа е составен дел на Скопска Црна Гора. Сместено е во подножјето на Раштавска Планина, меѓу селата Љуботен од северозападна и Булачани од источна страна, по течението на Раштевска Река при нејзиниот излез од планинскиот дел.
Селото со другите села и со градот Скопје било постојано поврзано со два главни патни правци. Едниот ги поврзува преку Раштак селата Љуботен и Булачани. Според една легенда, овој пат минувал под селото. Се сметал за главен пат кој ги поврзувал Качаничка Клисура кон исток за Грција и Цариград и дека минувачите навраќале во селото и преку тоа селото имало контакти со надворешниот свет.
Името го добило по растението кое виреело на тој предел — дабот или „храст“. Тој простор уште при доаѓањето на првите доселеници бил нараснат со густа дабова шума. Во првите пишани турски документи кои се однесуваат на историјата на македонскиот народ се води под неколку имиња: Храшко, Храшкова, Храштак, Храшок, Хрсник и Расник.
Рамничарскиот дел односно „Раштевско Поле“ е обработлив дел на кој се наоѓаат нивите, лозјата, овоштарниците и ливадите. Во полето се одгледуваат сите видови жита и лозја, а околу селото и во него помалку житни култури, а повеќе градинарски култури.
Планинскиот дел е прекриен со пасишта и шуми. Најзастапени дрва се: бука, даб, габер, јасен, поретко брест, дива круша, костени и треви погодни за одгледување сите видови добиток.
Според статистиката на Васил Кнчов од 1900 година, во Раштак живееле 500 жители, од кои 230 македонци и 270 албанци. На пописот од 2002 година, селото имало 367 жители, од кои 362 Македонци, 2 Срби и 3 останати. Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 457 жители, од кои 430 македонци, 2 срби, 8 останати и 17 лица без податоци.
Во селото може да се види селската црква св.Спас, а во близина на селото се наоѓа населбата Чифлик, од доцноанточко време.
