Селото Леуново се наоѓа во Мавровската котлина, на источниот брег на Мавровското Езеро. Претставува дел од општина Маврово и Ростуше, западна Македонија, сместено во источниот дел на општината. Воедно, селото претставува и дел од Националниот парк Маврово. Се наоѓа на падините на планината Бистра, на надморска височина од 1340 метри.
Селото е поврзано со асфалтниот локален пат со соседните села Никифорово и Маврово, пат кој го обиколува Мавровското Езеро. Од градот Гостивар е оддалечено 25 километри.
Во близина на селото се наоѓа и браната „Леуново“, која е составен дел од мавровскиот хидроенергетски систем.
Според мештаните, селото првобитно се наоѓало во месноста Ѓоновица, каде се среќаваат остатоци од средновековна населба.
Мештаните велат и дека селото го носи името Леуново, бидејки во минатото имало многу леунки.
Во поновата македонска историја, од Леуново потекнуваат бројни борци во НОБ за Македонија, при што самото село поднело 15 жртви. На 21 август 1943 година, селото е целосно запалено и изгорено од страна на балистичките банди.
Низ годините во селото Леуново, освен Македонци, живееле и помал број на Албанци, Турци и Срби.
Според пописот од 2002 година, во Леуново живеат само 6 жители, сите Македонци.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 31 жител, од кои 27 Македонци и 4 лица без податоци.
Во поново време, селото е насочено кон развој на селскиот туризам, притоа искористувајќи ги придобивките на близината на Мавровското Езеро и Маврово како зимски туристички центар во Македонија. Постојат повеќе пансиони и хотели.
Препорака за оние кои за прв пат ќе појдат во ова село, да ја видат црквата “Успение на Пресвета Богородица”. Всушност, Голема Богородица е и селска, голема слава.
Во селото има поставено споменик, наречен “Стрелање”, а е посветен на борците кои го изгубиле животот во НОБ. Овој споменик е изработен од вајарот и академик Томе Серафимовски.
