домаГУГУТКА ГУГАГУГУТКА ГУГА - СЕЛА ПОД СУВА ГОРА-ЖЕНСКА НОСИЈА

ГУГУТКА ГУГА – СЕЛА ПОД СУВА ГОРА-ЖЕНСКА НОСИЈА

Села под Сува Гора – женска носија

На падините од северната страна на планината Сува Гора, сместени се села во кои машката носија е идентична со Долни Полог, но женската драстично се разликува. Женската носија егзистирала до периодот помеѓу двете светски војни, додека постарите жени настојувале да ја задржат до 70тите години од минатиот век.

Женската носија ја сочинуваат: кошулче, кошула, елек, саја, појас скутина, колекции, цревје, пречка сока, венец, узобраски, кустек,марамче.

Кошулче – долна допојасна облека од дезениран индустриски материјал, со долги ракави со манжерни на градниот дел, украсено со лигушка.

Кошулата е од бело домашно платно, кроена од преден и заден стан, со клинови и ракави. Украсена е со богати везови на ракавите, на долниот дел со по две правоаголни, вертикално поставени полиња, наречени “усколена”. Има украси и на градниот дел и на јаката.

Елекот е горна безракавна од пругаст, куповен материјал-џезија. Долг е до над колената. На градниот дел е украсен со гајтани и срмено бикме.

Сајата е горна невестинска облека од бело платно. Покуса е од елекот и се носи над него. На рамениците се пришиени парчиња со должина како сајата и на краевите се поткитени со “китке”, украси од волнен конец. По рабовите е опшиена со син гајтан.

Појасот е волнен, ткаен во вишна боја, со сини напречни шарки, а краевите се украсени со долги плетени реси.

Скутината е од една дипла, со праби хоризонтални шарки, долга до колена. Посебно се издвојува невестинската скутина, која е исто од една дипла, во вишна боја и сребрема срма. Во долниот дел е богато украсена со амајлии од сребрени пулови и монистра, редови од тантелчиња со монистра, а на најдолниот дел е поткитена со сребрени пари.

Коланчето е ковано, со метални украси.

Калчини се плетени чорапи, високи до средина на листовите и најразновидно орнаментирани со специфична, ситна геометриска орнаментика.

Цревје се вид на невестински влечки, од кадифе во вишна боја, извезени со жолта срма.

Пренизот се носел на денот на венчавката. Тој е парче долго правоаголно платно. Накитен е со стари сребрени пари кои се редени една врз друга, налик рибина лушпа, на краевите украсен со “титрајки”. Се поставува на средишниот дел на главата, над челото, каде е украсен со два реда стари пари, а во центарот со еден алтан.

Узобраски се невестински накит, направени од бело платно, нанижани со стари сребрени пари. Се закачувале над ушите, а паѓале покрај образите, во должина до градите.

Сокајот е во вид на издолжена лента, извезен со жолта и бела срма, од средината накитен со стари сребрени пари, а на крајот со црни сукани реси. Се носел закачен за косата и пуштен низ грбот.

Невестинскиот венец е направен од парче ткаенина обликувано во цилиндрична форма, околу накитен со китки од волна.

Ќустекот се носел во горниот дел од скутината, а бил плетен од монистра.

Марамче за срамување, се носело на појасот, со двата краеви спуштени надолу. Изработено било од купечко платно, везено со свила и срма, а на краевите со стари сребрени пари.

Ден 18 април 2025

00:01:17