Овче Поле или Овчеполие — котлина и област во Македонија, источно (од левата страна) од реката Вардар. Во најголем дел, Овчеполието влегува во состав на општините Свети Николе и Лозово.[1] Најголемо населено место во областа е градот Свети Николе. Населението во областа говори на овчеполскиот дијалект.
Бројноста на турското население, имала големо влијание врз носија од овој предел. Како на пример платното “алаџа”, “кенарлија платно” или специфичните тантели “сорки” кои се плетени во турско-ориентален стил, го потврдуваат влијанието на турската мода во овој крај.
Женската носија ја сочинуваат: кошула, ракавици, манта, елек, антерија, тешкир, ѕуница, бришалка, чорапи, опинци, шамија, каврак, коцла, вес и накит.
Кошулата е од бело домашно платно, со кенари. Долга е до глуждовите. Кроена е од преден и заден стан, ракавите и се широки и отворени, од страната клинови а јаката во вид на тесна лента. Во минатото се украсувала и на долниот околен дел со сорки, исто и на ракавите. Од почетокот на 20век, најмногу се украсуваат ракавите со разни тантели и сорки. Со цел да се постигне поголем ефект, на ракавот се дошивале уште неколку ракави кои исто така биле украсени со сорки. Се носеле завратени нагоре. Па така, изгледало како да има 5-6 слоеви на ракави и украси.
Ракавици се полуракави изработени од волнена или памучна преѓа. Биле со висина до лактите.
Манта е вид на грлинка, а окоѓу вратот со врвци за врзување.
Елекот е горна, безракавна облека. Изработен бил од алаџа во пруги во разни бои, на црвена или темно црвена основа. До половината е припиен до телото, а надолу е ѕвонасто прошитен со посебно нагласени страни.
Антерија е горна облека со долги ракави. Долга е до под колената, а изработена е од истиот материјал како елекот. Се носела зимно време над елекот.
Пешкирот е волнена скутина, составена од две хоризонтало постабени дипли. Основата е црвена, а орнаментиран е со шарки во разни бои.
Ѕуницата е четворно ткаен појас, на црвена основа. Долг е околу 2,5 м, а широк околу 7 цм. На краевите се исплетени реси во вид на плетенки. Ѕуницата се носи над елекот.
Бришалката е украсна крпа од бело платно. Орнаментирана е на краевите со сорки. Се носела во појасот, исклучиво од левата страна.
Чорапите се орнаментирани во појаси, на црвена основа. Карактеристична шара за нив се орнаментите “кола”. Во поново време се плетеле на врна основа со помалку шарки или чисто црни.
Опинците се изработени од штавена кожа, со врвки за врзување околу нозете.
Шамијата е од бело домашно платно. Се носела со двата ќоша врзани под брадата или пак префрлени нагоре на темето. Неа обично ја носеле девојките.
Кавракот е вид на шамија во црна или друга боја, на краевите украсен со “сорки”. Се врзувал на главата со тоа што се предиплувал дијагонално. Двата краја се вкрстувале позади тилот и се врзувале од десната страна на челото. Краевите што биле над челото, биле украсени со “сорки”.
Коцла е вид на плетенка, долга до петиците. Ја носеле невестите на денот на венчавката.
Весот е висок околу 3цм, со пискул од црни реси. Над него се носело тепелаче. Фесот се обвиткувал со чалма.
Од накит се носел гердан, “алпез”-украс за на глава од нанижани пари, спуштен низ грбот. “Рафтови на груди” – накит за на градниот дел, од неколку синџирчиња нанижани со пари, поделено на два дела, на среде со тога закачена на графите, а синџирчињата минувале под пазувите и се закачувале позади на рамената. На појасот се носеле “пафти кубејлии” и “пафти ковачести” и “костек”-плетен украс од монистра.
