домаГУГУТКА ГУГАГугутка Гуга - Овче Поле - Машка Носија

Гугутка Гуга – Овче Поле – Машка Носија

Овче Поле или Овчеполие — котлина и област во Македонија, источно (од левата страна) од реката Вардар. Во најголем дел, Овчеполието влегува во состав на општините Свети Николе и Лозово.[1] Најголемо населено место во областа е градот Свети Николе. Населението во областа говори на овчеполскиот дијалект.
Бројноста на турското население, имала големо влијание врз носија од овој предел. Како на пример платното “алаџа”, “кенарлија платно” или специфичните тантели “сорки” кои се плетени во турско-ориентален стил, го потврдуваат влијанието на турската мода во овој крај.
Машката носија во Овче Поле ја сочинуваат: кошула, , гаќи, фистан, елек, појас, чакшири, антерија, пешкир, џубе, гуња, кушљак, кумтеш, чепкен, чорапи, тозлуци и капа.
Кошулата е од бело, домашно “кенарлија” платно, долга до над колената. Кроена била од преден и заден стан, долги, рамно кроени ракави на краевите набрани со манжетни. Јаката била во вид на тесна лента окоѓу вратот. Долниот дел од кошулата се разликувал во две варијанти. Првата била секојдневна кошула, долниот дел кроен од клинови. Втората кошула, во долниот дел била скроена со многу поголем број на клинови. Била празнична кошула и била позната уште како “тоска” или “врчкана кошула”.
Гаќите се изработубале од истото платно како кошулата. Ногавиците во горниот дел биле широки, а надолу кон глуждовите се стеснувале. Во горниот дел околу појасот биле “наврчкани”- набрани со врвка.
Фистан е вид на здолниште, долго до колената. Кроено со 70,90 или 100 ребрењака/клинови. Се облекувал врз кошулата. Го носеле мажи, се додека можеле да играат на оро.
Елекот е горна допојасна облека, без ракави, изработено од “алаџа” платно, т.е. на црвена основа со дискретни приги во кафена, сина, бела и црна боја. На графите е преклопен, се закопчува со копци на левата страна. На градите, на едната страна имало и џеб.
Појасот е волнен, ткаен. Должината му е околу 5м, а ширината околу 25цм. Над него се опашувал потесен пијас “ѕуница”, а врз него и кожен каиш.
Чакширите се изработени од клашна во сура боја. По рабовите се украсени со гајтани.
Антеријата е куса допојасна облека, со долги ракави. Изработена е од истото платно како елекот. Се носела наместо елекот или под него.
Пешкир или “вута” скитина, изработен од една дипла, ткаен во прави хоризонтални, црно-бели шари. Во долниот дел има орнаментирана бордура, а долг е до под колената.
Џубе е горна облека од црн шајак, долга до колената. Се носела на венчавка и за поубави прилики.
Кушљак е зимска облека, наметка. Изработен е од сура клашна и бил долг до колената. Ракавите можеле да бидат до лактите или долги.
Кунтеш е сточарска наметка, без ракави, изработена од бела клашна.
Чепкен е масивна, сточарска наметка, кроена како пелерина, без ракави. Во долниот дел била многу широка. За пример, доколку тој што ја носел бил качен на коњ, со неа можеле да бидат покриени и јавачот и коњот.
Бришалката е украсна крпа, од бело платно на краевите богато орнаментирана. Летно време се носела на главата, како заштита од сонцето. Секојдневно се носела прикачена на појасот. За празници, на појас се носеле по две бришалки, или се носеле вкрстени бришалки на градите.
Чорапите се волнени и плетени на црвена основа. Висината им е до колената, а орнаментирани се по целата должина. Најпознати се “колајлии чорапи”. Во поново време се изработувале целосно црни чорапи.
Тозлуци се вид потколеници, изработени од шајак. Се закопчувале од внатрешната страна на ногата, а под колената се затегале со “дизги” – тесни појасчиња.
Како капа се носел црвен фес. Постарите окоѓу него носеле замотана бришалка.

Ден 18 април 2025

00:01:17