Пределот Охридско Поле е распослан на североисточниот и источниот брег на Охридското Езеро. На север граничи со пределите Дебарца, Струшко Поле и Струшки Дримкол, на запад преку езерото со Албанија, а на југоисток преку планината Галичица со Преспа.
Населението во селата било претежно македонско, но во околината покрај графот живееле и турци, албанци, власи и роми. Се занимавале најчесто со сточарство и земјоделство, а во втората половина на 20 век значително се развило и печалбарството. До крајот на 80тите години од минатиот век, од големо значење било и занаетчиството. Најмногу истакнат занает било кожуварството, а според работата, Охрид со овој занает му парирал на Костур, каде кожуварството било најразвиено.
Машката носија ја сочинуваат: кошула, фустан, појас, бечви, кундале, ќурдија, чорапи, дизги, опинци и фес.
Кошулата е од бело, памучно платно, со широки ракави набрани со манжетни (наречени капаци), и јака корил. Била дискретно навезена на манжетните и јаката со бел, црн или син конец.
Фустанот е вид на здолниште, составен дел од зетовската кошула. Долг е до колената и кроен е во клинови. Во книгата Македонски Народни Носии 1 од Ѓорѓи Здравев, се напишани зборови од информатор, опишувајки ја оваа облека: “Толку широк, та ко ќе се качи зетот на коњ, целиот којн да се покрие како чадор.”
Појасот е волнен, ткаен во алена боја.
Бечвите се од бела клашна, украсени со црни гајтани.
Кундале е вид на елек, изработен од бела клашна.
Ќурдијата е горна незракавна облека, изработена е од бела клашна, а долга е до колената.
Чорапите се плетени и биле изработувани со шари, на алена основа. Потоа, се изработувале еднобојни и биле најчесто црни.
Дизгите се ткаени, тесни ленти, со ширина од 2-3 цм. На краевите биле украсени со стари пари, а служеле за подврзување на чорапите.
Опинците биле домашна изработка, најчесто од говедска или свинска кожа.
Фесот кој се носел на глава, по боја бил црвен. Зетовскиот фес, бил украсен со мангура.
