домаГУГУТКА ГУГАГУГУТКА ГУГА - ЛЕТНИК

ГУГУТКА ГУГА – ЛЕТНИК

Летник

Летник е народен празник, којшто се празнува секоја година на 1 Март по стар календар, т.е. на 14 Март по нов и е поврзан со враќањето на птиците преселници од јужните краишта во Македонија. Овој празник всушност во народните верувања е празник за почеток на пролетта односно летниот период, периодот на цутењето на пупките на дрвјата и почетокот на земјоделските работи. Поради ова негово значење, празникот често е квалификуван и како празник за почетокот на годината во смисол на активниот работен период од годината. Празникот најчесто се празнува во Западна Македонија, односно во Галичник и Реканско, Голо Брдо, Пустец, Дебарско, Преспа, Охридско и Струшко. Празникот има повеќе народен отколку верски карактер, па така во оние области каде живеело верски мешано население православни и муслимани како во Голо Брдо и Реканско, празникот го прославувале сите и православните и муслиманите. Поради тоа што е прославуван и од христијаните и од муслиманите, за празникот се смета дека е од паганско потекло. Со процесот на миграција од село во град овој празник е главно запоставен, но тој сѐ уште се празнува во руралните региони на Голо Брдо и Мала Преспа како и во Струшки Дримкол.

Рано изутрината штом ќе се станело од спиење, луѓето гледале и барале да здогледаат некое пиле, за според верувањето да бидат лесни како птица преку целата година. Потоа погледнувале во своите џебови да имаат златна или сребрена пара за преку годината секогаш да имаат пари и успех (бериќет). Се излегувало во шумите и планините и од таму во домовите се носеле тукушто расцутени дренови гранки и кај куќното огниште и луѓето наизменично се фаќале за дреновата гранка и за синџир за преку годината да бидат здрави како дрен и цврсти и силни како железо, а потоа за здравје се каснувале пуполците од дренот. Младите деца береле суви гранки и оделе од куќа до куќа фрлајќи ги во куќните огништа велејќи: “Колку пламенчиња – толку дечиња”. На Летник задолжително доколку се одело во посета на некоја куќа се носело гранка од дрен, а домаќините го гоштевале гостинот со ореви, варена пченка и благо. Тој што ќе се погодел прв во денот да им влезе на домаќините во куќа, годината им минува со радост и успех (бериќет) од него, па затоа домаќините идната година на Летник го бараат повторно да им влезе в куќа (не мора да е прв, може и само како гостин), зашто за него се верувало дека е со “среќна нога”.

Ден 18 април 2025

00:01:17