домаГУГУТКА ГУГАГугутка Гуга - Кичевија - Женска носија

Гугутка Гуга – Кичевија – Женска носија

Женската носија во Кичевија ја сочинуваат: кошула, џупа, грлник, саја, ракавчиња, клашеник, појас, скутник, гуња, чорапи, коса, прцле, решме, убрус, превез, суканици, кревало, шамија и накит.

Кошулата е изработена од бело, домашно конопно или памучно платно. Составена е од преден и заден стан, ракави со подраче, по четири реборника од страните и предник со корилче. Се забележуваат најразлични мотиви и везбени декорации. Везена е на ракавите и долниот околен дел.

Џупа е долна облека со кратки ракави или без нив. Се носела зимно време под кошулата.

Грлник, џевре или кепте е правоаголно парче од бело платно, украсено со везанка од црни конци. Служело за покривање на предниот, граден дел.

Саја е горна облека од бело памучно платно. Украсено е со ѓувезна чоја и свилено бикме.

Ракавчињата се вид на полуракави. Долги се од надлактицата до рамото, а се носеле пришиени за кошулата.

Клашеникот е горна, безракавна облека со должина до колената. Изработен бил од бела клашна. Се носеле два вида. Првиот бил украсен со алена чоја, срмен вез, црни гајтани и рески. Се носел препашан со црн плетен појас кој бил прилично долг за да препаша неколку пати околу половината. Вториот бил невестински, срмен клашеник, украсен со срмен вез и срмени гајтани. Се облекувал над првиот клашеник и се носел слободно пуштен. По денот на венчавањето, се носел само на големи празници.

Скутникот е составен од две вертикално соединети дипли. Прошаран е со хоризонтални вткаени шари и со ситни мотиви “пилиња”. Во невестинската или празничната носија, се носеле од двете страни, црвени марами “кискарки”, а врз скутникот бела купечка крпа “монистреник”. Зимно време се носел скутник и одзади.

Гуњата е горна, безракавна, потпојасна облека од црна клашна. Невестата го облекувала за прв пат откако ќе родела, се носел на поголеми празници за на гости и за жалост.

Чорапите се плетени од волна. Биле богато орнаментирани, а подоцна се плетеле црни чорапи, орнаментирани дсмо во хорниот дел со хоризонтални шарки.

Косата се чешлала на патец и се плетеле вкупно седум плетенки: по три од страните и една одзади централно. На нив се закачувале копци, за да моѓе да се закачи прцлето, кое било изработено од долги сукани конци. Должината му била до долниот дел на кошулата. На местото каде се прикачувало на копците, се ставало и низа од стари пари.

Решме е невестинско покривало за глава од конопно платно. На горниот дел е формирана ќулавка, а на грбниот дел украсено со монистра, жабки, жолти пари и црни реси. Должината му е до половина.

Убрус е покривало за глава. Се носел врз решмето, прикачен со “игла”. Тој е правоаголно парче со шитина до 40цм, а должина 1 метар и бил богато орнаментиран со коприна и срма, а околу него со рески. Поставен на главата се диплел на ќоше како рог.

Превезот е правоаголно парче од аловна богасија за покривање на лицето на невестата. Кога ќе влезела во кучата на момчето, стоела над ношвите и свекрвата ја отпревезувало со помош на сукало и превезот се префрлал врз сокајот. Со истото сукало, невестата “замесувала”.

Кревало е правоаголно парче платно, украсено со пари како рибина лушпа. Било украс за челото и образите. На него се ставале суканици. Тие биле украс за чело од тенки, сукани конци од црна волна. Се прикачувале од двете страни на челото, а на срефината биле украсени со париче.

Постарите жени како покривало носеле црна, куповна шамија.

Од накит се носел колан со три реда пари и пафти на појасот. На градниот дел од невестинскиот клашеник се носел “копец” од шест синџирчиња, на три од нив наредено пари, три без пари, сите поврзани со меџидија.

Ден 18 април 2025

00:01:17