Во составот на машката носија од Кичевија се наоѓаат: кошула, гаќи, бечви, џамадан, долама, појас, гунче, чорапи, опинци, капа и накит.
Кошулата е изработена од домашно, бело, конопно или памучно платно. Короена е со широки ракави набрани со манжетна и јака-корил везена со бел конец.
Гаќите се од бело платно како кошулата и се носеле летно време, во полските села. Врз нив, од глуждовите до колената се носеле тозлуци кои се закопчувале позади со копци, а под колената биле затегнати со подвески.
Бечвите се изработени од бела клашна, со долги ногавици. Украсени се со црни гајтани.
Џамадан е горна, допојасна облека. За младоженците е изработен од црвен шајак, украсен со гајтани. Друга варијанта е џамадан од бела клашна, украсен со црни гајтани.
Долама е горна, безракавна облека од бела клашна. Во горниот дел е припиена до телото, а надолу се проширува. Должината достигнува до колената.
Појасот е ткаен од алова волна, прошаран со бело. Над него се носел и кожен ремен.
Гунчето е горна облека од црна или сива клашна, со кратки ракави и ќулавка. Во празнични прилики, од десната страна на гунчето се носела успојаска-црвена марама, на три ќоша украсена со пари.
Чорапите се плетени од волна и богато орнаментирани по целата должина.
Опинците биле домашна изработка од свинска или говедска кожа.
На главата се носел црбен фес со син пискул, фес без пискул или црно, валано капче.
Од накит, на градите се носел сребрен ќустек.
