домаГУГУТКА ГУГАГУГУТКА ГУГА - КАРАКТЕРИСТИКИ НА НАРОДНИТЕ ОРА ОД БИТОЛСКО

ГУГУТКА ГУГА – КАРАКТЕРИСТИКИ НА НАРОДНИТЕ ОРА ОД БИТОЛСКО

Карактеристики на народните ора од Битолско, според Илија Алушевски

Македонските народни ора се создавани низ вековите наназад. Но сега, ората кои се сретнуваат сведочат на време кога македонецот се борел да биде истраен и да ги отфрли сите лажни наметнувања, кога му се заканувало претопување и оттуѓување. Иако игрите и песните се од големо историско и фолклорно значење, сепак интересот кон нив започнал подоцна, т.е. првите пишани податоци датираат од 17век.

Се играло на секакви прилики. И на радост и на тага. Најмногу се играло на верски празници како Божиќ, Водици, Велигден, Ѓурѓовден, Голема Богородица, Мала Богородица, Митровден, Св.Никола и сл. Се играло на селски слави, свршувачки, свадби, крштевки. Во поново време се правеле собори на ден Недела, но се играло и на настани кои биле од важност за целото место или за повеќе села, како на пример за пуштање на нов пат, за осветлување, завршување на жетва и сл.

Играњето започнувало во попладневните часови, но имало и случаи каде се собирале претпладне, а игрите и песните траеле до зајдисонце.

Соборот бил најчесто на сретсело, покрај црква, покрај дрво, на чешма, на ливада и сл. Со урбанизирање на пределите, местото за играње се променило во некоја сала, училиште, дом.

Играле сите жители, на секаква возраст, но посебна чест им се правела на најталентираните играорци, на кои им било секогаш отстапувано ороводното место, па дури и музичарите имале поинаков однос со нив.

Се играло во посебни танци: машки и женски. Со текот на времето почнале и да се мешаат, но многу се внимавало кој до кого ќе застане. Најчесто на оро се стоело до роднини. И зиме и лете се држеле со ракавици, кои во минатото се изработувале само од волна. Подоцна, за да се поврзат маж и жена на оро, се користеле шамивчиња или ќостеци.

Инструменталната придружба била најчесто од гајда, но се сретнувале и кавал и шупелка. Во музичките состави застапени биле и тамбурата, ут, кларинет, зурла, виолина, гитара, тапан, дајре, тарабука, армоника.

Ората од полето се карактеризирале со брзи и ситни чекори, додека пак оние од планината со бавни, смирени и грациозни чекори.

Ден 18 април 2025

00:01:17