домаГУГУТКА ГУГАГУГУТКА ГУГА - ГОРНА ПРЕСПА-МАШКА НОСИЈА

ГУГУТКА ГУГА – ГОРНА ПРЕСПА-МАШКА НОСИЈА

Пределот Преспа го формираат Ресенското поле заедно со Преспанското Езеро. Овој предел се дели на Горна и Долна Преспа.

За време на Илинденското востание, голем број на села биле изгорени и опустошени од страна на турците. Повторно биле горени и ограбени за време на Првата Светска Војна. Поради овие настани, носијата била драстично променета. Народот бил многу сиромашен, па така некои делови од носијата со цврста структура, се користеле за опинци. Со везените крпи, се крпеле чорапите или пак се користеле крпи за миење и при помош во готвењето. За време на Втората Светска Војна, повторно за да преживее народот, она што успеале до тогаш да го сочуваат, им го продавале на германците. Поради овие причини, видно недостигаат некои делови од носијата дури и во музејските примероци. Машката носија во Горна и Долна Преспа не е забележано драстично да се разликува, но кај женската има и различни облековни елементи, но и се забележува присуството од Охридско, Битолско и Леринско.

Машката носија од Преспа ја сочинуваат: кошула-вустан, гашти, клашни, бечви, појас, вермеле, ќурдија, чорапи и капче.

Кошулата-вустан е изработена од бело, домашно, конопно или памучно платно. Кроена е од преден и заден стан, со широки ракави и мала јака/корилче. Од под мишките па надолу е проширена со повеќе клинови, за кога ќе се вртеле мажите, да се ширела како чадор.

Гаштите се од бело домашно пкатно и биле составен дел од летната носија.

Клашните се вид ногавици. Изработени биле од бел шајак, со должина од глуждовите до бутовите. Од бутовите се прицврстувале со гајтани за појасот.

Бечвите се изработувале од бела клашна и се носеле до почетокот на 20 век.

Појасот бил ткаен од црвена волна.

Вермеле е горна безракавна облека, вид на елек. По боја било црно и долго до појасот.

Ќурдија е горна безракавна облека, со должина до колената. Се изработувала од бела клашна, а по промената на бојата на носијата, се изработувало во црна боја.

Чорапите биле волнени и плетени со разни орнаменти. Во горниот дел се прицврстувале со подвески.

Капчето било плитко, округло, изработено од црн шајак, а одозгора било везено со коприна.

Ден 18 април 2025

00:01:17