домаГУГУТКА ГУГАГУГУТКА ГУГА - ГОЛО БРДО-ЖЕНСКА НОСИЈА

ГУГУТКА ГУГА – ГОЛО БРДО-ЖЕНСКА НОСИЈА

Територијално, пределот Голо Брдо е поделен во Македонија и Албанија, но етнолошки, тој е дел од Дебарската област. На исток граничи со Дебарско Поле и Жупа, на југ преку Јабланица со Дебарски Дримкол, на југозапад со албанскиот предел Черменика, на запад со албанскиот предел Мартинеши, а на север со Грика Мазе.

Кошула, гаќи, скутина, клашеник, појас, кусале, зобан, колчини, опинци, капа, наплитци, корапа и накит се деловите кои ја сочинуваат женската носија од Голо Брдо.

Кошулата се изработува од конопно или памучно платно. Кроена е од преден и заден стан со по 4 клинови од страните. Долга е до глуждовите. Украсена е со вез од волнени или свилени конци на ракавите и на градниот дел, а со бел вез “чикме” меѓу клиновите и становите и на јаката. Се разликуваат неколку видови кошули. Како и во сите други краишта така и во Голо Брдо, најубава и најизвезена е невестинската кошула “тнока” или “голема кошула” и “страмачка кошула”. По неа е “ѓувезиска” или “помала кошула”, која се носела за празници. Потоа, позната е и “носачка кошула” онаа која се носела во недела.

Гаќите се изработувале од истото платно како кошулата.

Жените носеле два вида на скутина. “Бокченица” која била ткаена во повеќе бои и со хоризонтални редови. Оваа скутина се носела секојдневно. Другиот вид е “бовча” или “бокча”, мала скутина со димензии 20*20 цм, богато орнаментирана а на долниот дел со реси, долги околу 60 цм.

Појасот е четворно ткаен од црна, а прошаран е со бела волна. Долг е околу 3,5м а широк ококу 20 цм. На едниот крај е богато украсен со реси.

Кусале е горна облека, без ракави, а се изработувало од бела клашна. Долго е до појасот.

Зобанот е горна облека, без ракави кој се носи врз кусалето. На градниот дел е украсен со срмен вез, по рабовите опшиен и од страна е поткитен со реси “киски”.

Колчини се плетени чорапи од алосана волна и се богато орнаментирани. Врз нив се носеле чораби, получорапи без стопало, од црна или бела волна.

На нозете се носеле опинци од говедска кожа, со опченици за врзување од петите до под колената.

На главата се носела капа, лито плетена од алова волна. Се носела директно на косата, а се прицврстувала со подбрадник накитен со стари, ситни пари.

Корпата е вид невестинско покривало од бело четвртасто парче платно. Ќошот што доаѓа над челото е превиткан “на перо”. Околу, украсена е со вез, а по рабовите има долги свилени киски, при врвот обвиткани со срма.

Сокај е невестинско покривало за глава, кој се поставувал на глава на денот на венчавање.

Од накит се носеле наплитци-украси за на чело, “чапрасчиња мали”-украс за под гради, “чапрази”, “пафти кубејлии” сребрен накит за на појас

Ден 18 април 2025

00:01:17