домаГУГУТКА ГУГАГУГУТКА ГУГА - ДЕБАРСКИ ДРИМКОЛ-ЖЕНСКА НОСИЈА

ГУГУТКА ГУГА – ДЕБАРСКИ ДРИМКОЛ-ЖЕНСКА НОСИЈА

Дебарски Дримкол е мала целина, сместена на источните падини на планината Јабланица. На северната и западната страна од овој предел се наоѓа Голо Брдо, на југ граничи со Струшки Дримкол а на исток преку Дрим со Малесија.

Населението се занимавало со сточарство и земјоделство, а подоцна и до печалбарство. Заминувањето на печалба била главна причина за побрзо отфрлање на машката народна носија, но затоа женската се задржала некаде до средината на минатиот век.

Женската носија во Дебарски Дримкол гравитира кон Голо Брдо, со одредени елементи од Струшки Дримкол.

Кошула, нароквици, гашти, клашеник, појас, кусале, скутина, зобан, калчини, опинци, капа, риза, накит и украси се елементите на женската носија од Дебарски Дримкол.

Кошулата е од бело платно, долга до под листовите. Кроена е од преден и заден стан, со долги и проширени ракави. Од страните, кошулата е проширена со клинови. Се забележуваат неколку видови на кошули: катаденска-за секој ден, мала и домала кошула-за мали празници, голема, убава или тнока кошула-за свадба која потоа се носела и за умирачка.

Според везот, жената се разликувала според социјалниот и материјалниот статус. Најизвезена е невестинската кошула, со мотив “девет лози”. По неа е домалата кошула со пет или седум лози и малата кошула со три лози.

Нароквици се плетени полуракави кои се носеле зимно време, или биле изработувани од бело платно за летно време.

Гаштите се од бело платно, слични на машките, но покуси. Прифатени биле во почетокот на 20 век, како влијание од Голо Брдо.

Клашник е горна безракавна облека од бела клашна. Долг е до појасот, а кроен е од едно задно и две предни парчиња. Невестинскиот клашеник е украсен со жолта срма, црни гајтани од чоја и други индустриски опшивки. Во моминскиот клашеник преовладува сина оптока.

Појасот е црн, долг околу 15 м и плетен во вид на плетенка. Невестите носеле до 3 вакви појаси, со што се правело видно испакнување на стомакот. Девојките носеле еден појас. Во празнични прилики се носела и ткаена препашка од алова волна, прошарана со црно, жолто и бело во хоризонтални редови. Невестите над препашката носеле и монистреник, широк околу 5цм, а долг колку да се опаша половината.

Кусале е горна, безракавна, допојасна облека. Може да биде од бела клашна опшиено со бела оптока, да биде украсено на задниот дел помеѓу станот и предниците со карактеристични мотиви плочник-во форма на потковица или да биде од црна или кафена клашна, исто како машкото.

Скутината се разликува во три вида: моминска скутина “бокченица”, ткаена скутина, од една дипла. Долга и тесна, во светло црвена боја, прошарана со редови во темно сина, бела и жолта боја. Невестинска скутина, четворно ткаена со димензија 30*40цм, украсена со усукани долги гајдани во вид на реси, со должина до кошулата. И “пештемал” , скутина од две дипли со вертикално поставен раб. Широка е и во темно црвена боја. Наменета е за стари жени.

Зобан е горна невестинска облека од бела клашна и се носи врз клашеникот. Опшиен е со црвена и сина оптока, а главната декорација е на градниот дел, каде е сошиена црвена чоја на која се забележуваат вегетабилни орнаменти. Меѓу предниците и задниот стан се ушиени рески.

На нозете се носеле калчини. Плетени чорапи со основна, алена боја. Биле богато орнаментирани. Паралелно со нив се носеле и чораби, без стопала, орнаментирани како калчините.

Опинците биле изработени од говедска кожа. За напразниви се носеле “дебардки опинци со ремени”, а во невестинската носија припаѓаат “црни лачени чевли”.

На главата се носела капа со помош на подбрадник, реден со ситни дребрени пари.

Невестите носеле корпа, бела платнена покривка за на глава. Била богато украсена со кружни и квадратни форми “ветки” , а на краевите со долги волнени и срмени рески. Девојките носеле куповна риза, на црвена основа со црно-бели шарки.

Од накит се носеле “ушници” , “големи чапраџиња”, “гердан со череци” и “киска”.

Ден 18 април 2025

00:01:17