домаГУГУТКА ГУГАГУГУТКА ГУГА - ДЕБАРСКИ ДРИМКОЛ-МАШКА НОСИЈА

ГУГУТКА ГУГА – ДЕБАРСКИ ДРИМКОЛ-МАШКА НОСИЈА

Дебарски Дримкол е мала целина, сместена на источните падини на планината Јабланица. На северната и западната страна од овој предел се наоѓа Голо Брдо, на југ граничи со Струшки Дримкол а на исток преку Дрим со Малесија.
Населението се занимавало со сточарство и земјоделство, а подоцна и до печалбарство. Заминувањето на печалба била главна причина за побрзо отфрлање на машката народна носија, но затоа женската се задржала некаде до средината на минатиот век.
Машката носија има големи сличности со носиите од Голо Брдо и Струшки Дримкол. Кошула, гашти, фустан, шалвари, бечви, џамадан, појас, кусале, рокалник, долама, гуна, калчини, тозлуци, опинци, капа и накит ја сочинуваат машката носија од Дебарски Дримкол.
Кошулата е од бело домашно платно, фолга до под појасот, кроена на преден и заден стан, со долги рамно кроени ракави, набрани со манжетни и јака со ширина околу 2 цм.
Гаштите се од истото платно како кошулата, долги се до глуждовите, а кроени се од две правоаголни парчиња за ногавиците е едно триаголно парче за да го прошири горниот дел. Набрани се со учкур од волна.
Фустанот се изработува исто од бело платно. Тоа е вид на здолниште, кроено од 50 до 80 клинови, долго до под колена.
Шалварите се облекувале врз гаќите, а се изработувале од тенка, црна клашна.
Бечвите се изработувале од црна и бела клашна, а биле украсени со црни гајтани.
Џамадан е горна, безракавна, потпојасна облека. До почетокот на 20 век се носел се нодел џамадан од црвена чоја “свита” и бил опшиен со црни гајтани по рабовите. По него се носел од бела или поретко од црна клашна, кој исто бил опшиен со црни гајтани.
Над џамаданот се носел појас, кој бил широк околу 20 цм и долг околу 3 м. Се ткаел од бела волна, а во поново време над него се опашувал и кожен ремен.
Кусале е горна, допојасна облека изработена од црна или кафена клашна. Ракавите биле до лактите, а јаката била со голема правоаголна форма, која по потреба се формирала во ќулавка.
Долама е горна, празнична облека. Се облекувала врз кусалето. Изработена била од бела клашна, со должина до колената. Во горниот дел била припиена до телоѕо, а во долниот дел се проширувала со 20 до 30 клинови. Украсена била со црни гајтани.
Гуната е сточарска облека од црна клашна со должина до под листовите. Нема ракави, а е кроена од преден и заден стан во вид на наметка.
На нозете се носеле калчини, кои биле плетени од волна во 4 дела: прсти, ступало, петица и горно. Зимно време над нив се носеле тозлуци, вид на потколеници. Дизгите биле вид на тесни појасчиња за пристегнување на калчините и тозлуците, а на краевите биле украсени со волнени црвени киски.
Опинците биле изработувани од говедска коѓа, а се врзувале со долги сукани врвци. За празници се носеле црни чевли.
На главата се носела плитка, дебарска капа од црна волна, шубара од јагнешка кожа или фес со пискул-црвена плитка капа до долги, свилени, сини реси, кој се нарекувал и тунус.
На градите се носел голем сребрен ќустек или мал сребрен ќустек со саат. Младоженецот се редел на фесот со стари пари.

Ден 18 април 2025

00:01:17