Дајрето потекнува од Египет, каде Евреите го викале тоф, тимбрел или таберт. Инструментот бил користен исклучиво за религиозни потреби,[3] и споменат е во Стариот завет и во еднинска и во множинска форма. Израелитите научиле да го користат дајрето за време на нивниот престој во Египет, а во единаесеттото издание на Енциклопедија Британика било споменато дека Египќаните го користеле дајрето за да ги избркаат лошите духови.[4]
Дајрето било омилен инструмент на жените кои танцувале свирејќи на дајре, а според библиската пророчица Мирјам, дајрето се користело при победнички песни или во придружба на харфа на банкети и процесии. Ова е еден од инструментите кои ги користел кралот Давид и неговите музичари кога танцувал пред Заветниот ковчег. Исто така дајрето било употребувано во Геенската долина кај Ерусалим, при жртвување на деца.
Во Македонија, дајрето се смета за македонски народен ударен инструмент кој се користи за одржување на ритам. Мембраната на дајрето е направена од козја кожа оптегната врз дрвен обрач. По работ на инструментот лабаво се поставени метални дискови во парови, кои призведуваат кус, кршлив звук кога свирачот удира по дајрето со рачниот зглоб и прстите. Името дајре во македонскиот доаѓа од турскиот јазик, што значи круг.
Во традицијата, дајрето е женски инструмент, но со појавата на чалгиските состави дајрето го свират мажи. Се употребува како придружба на игра или пеење.
