домаГУГУТКА ГУГАГугутка Гуга - Бабуна и Азот - Женска носија

Гугутка Гуга – Бабуна и Азот – Женска носија

Областа Азот е сместена во долината и по горното и средното течение на реката Бабуна. Оградена е на север и запад со масивот на Мокра Планина (Јакупица, Караџица, Даутица со врвот Солунска Глава), а на југ и југоисток со северните падини на планината Бабуна. Областа се наоѓа југозападно од градот Велес и низ целата област протекува реката Бабуна и поминува пругата за Прилеп и Битола.
Потеклото на името на овој предел доаѓа од арапскиот збор Хас или Хасот донесен од Турците, со значење на тешкопристапен или одметнат предел. Оттаму потекнуваат и зборовите асии и азбии за луѓе кои се бунтовници или разбојници.
Женската носија ја сочинуваат: кошула, елек, ќурдија, вута, појас, чорапи и бришалка.
Кошулата е од бело домашно платно”тириплик”. Ткаено со “кенари” или врвен и жолт “вајкар” т.е. вткаени по должина на платното. Кроена е од преден и заден стан, граден отвор “грлушник”, јака “корил”, рамни широкиракави, на крајот набрани со манжетни и клин “мирвер” кој ги соединува предниот и задниот стан.
Најпознати се невестинската “гувеалица” кошула или исто наречена “околешка кошула”
Елекот е горна, безракавна облека од шарено платно “алаџа”, во пруги со разни бои: црвена, модра, жолта, зелена, на црвена основа. Елекот е долг до под колената. Во горниот дел е припиен до телото, а надолу е проширен. Украсен е со црни гајтани по ботовите, индустриски ширити и други украсни ленти.
Ќурдијата е горна безракавна облека од црна клашна, со должина и форма како елекот. Украсена е со црвени волнени гајтани по рабовите, околу вратот, мишките и околу џебовите.
Вутата е волнена, ткаена на црвена основа. Составена од две дипли, хоризонтално споени. Исткаени се вертикални шарки во разни бои.
Појасот се нарекувал и “ѕуница” или “кемер”. Тој е четворно ткаен од волна, на црвена основа.
Чорапите се болнени, плетени на пет игли. Основата е црвена, а орнаментирани се со геометриски фигури. Високи се до средина на листовите.
Бришалката е украсна крпа, ткаена од бел памук. Орнаментирана е на краевите. Се носела на појасот.

Ден 18 април 2025

00:01:17