За потребите на железничарите, во 1920 година била изградена дрвена барака на улицата Водњанска, а подоцна била изградена и Железничката колонија составена од 30 куќи, југозападно од станицата, во Дебар маало. За Железничката зграда во Скопје, која се наоѓа на улицата „Борка Талески“, позади трговскиот центар Буњаковец, би можела да раскаже дека овде се снимале инсерти од познатиот македонски филм „Среќна нова 49.“ и дека дел од станарите биле статисти. Десетина генерации живееле во овие станови кои се со различна големина, помалите со површина од 48 метри квадратни, а поголемите од 120 метри квадратни. Железничката зграда преживеа промена на општественото и политичко уредување, го преживеа големиот земјотрес од 1963 и помали земјотреси што следеа потоа, преживеа поплави, други природни катастрофи и разни профили на станари, но не може да ја преживее и негрижата на заедницата, незаинтересирана да го реставрира ова културно наследство. Зградата е град во мало. Осмислена е така што на станарите ќе им понуди богат интерактивен живот, исполнет со заеднички активности. Во дворот има летниковец и зелена површина каде некогаш си играле околу четиристотини деца. Само 45 отсто од просторот е наменет за домување, остатокот е заеднички простории и комунален дел. Меѓу заедничките простории е и сала во која некогаш се играло пинг понг, сега овој дел се изнајмува на приватна фирма. Зградата има и своја кино сала. Првата проекција била одржана во 1959 година и хрониките зборуваат дека присуствувале 24 станари.
