АЗБУКА НА СКОПЈЕ – ЗАЈЧЕВ РИД/ЗООЛОШКА ГРАДИНА
- Зајчев Рид е рид во северозападниот дел на Скопската Котлина, сместен во близина на утоката на реката Лепенец во Вардар на 7 км северозападно од центарот на градот Скопје. Врвот на Зајчев Рид е висок 324 м, а самиот рид е крајниот дел од ридскиот систем (венец) што се издигнува во средишниот дел на Скопската Котлина и се протега покрај левиот брег на реката Вардар, а започнува со ридот Градиште на исток на кој се наоѓа скопската тврдина Кале. Во подножјето на Зајчев Рид непосредно до патот и крстосницата меѓу селата Бардовци и Злокуќани, на јужната и југозападната падина на ридот се наоѓаат ископините и археолошкото наоѓалиште на античкиот град Скупи. На Зајчев Рид е сместена и државната Управа за хидрометеоролошки работи, а во неговото подножје на јужната падина се наоѓаат повеќе автосалони, сервиси и бензински пумпи и поликлиниката „Систина“. На подножјето на северната падина на Зајчев Рид поминува железничката пруга кон Кичево и Косово. Западните падини на ридот, во правец на селото Бардовци се земјоделски површини посеани со житни, градинарски и лозарски култури (пченица, зелка и лозови насади).
- Зоолошката градина во Скопје, формирана во 1926 г. од страна на тричлена комисија со која раководел д-р Станко Караман. Во истата 1926 година е предложено денешното место која во тоа време опфаќала 4 хектари површина, а градината располагала со скромен број на животни кои претежно биле добиени како подарок. Со решение на Градското собрание во 1965 година и со донесувањето на елаборатот во 1966 година за ново урбанистичко решение, Зоолошката градина Скопје го добива денешниот изглед. Денес, градината е сместена на површина од 12 ха и располага со 503 животни, од кои: 261 птица од 36 вида, 230 цицачи од 42 вида и 16 влекачи од 8 вида. Основни дејности на градината се: културна, образовна и научна, а нејзина основна цел е да ги чува, одгледува и презентира живите експонати и истите да ги направи достапни за пошироката јавност.