домаАЗБУКА НА СКОПЈЕАЗБУКА НА СКОПЈЕ - СТАРАТА СКОПСКА ЧАРШИЈА/СКОПСКИТЕ ЗЕМЈОТРЕСИ

АЗБУКА НА СКОПЈЕ – СТАРАТА СКОПСКА ЧАРШИЈА/СКОПСКИТЕ ЗЕМЈОТРЕСИ

  • На 13 октомври 2008 година, Собранието на Република Македонија донесе закон за Старата скопска чаршија, која била прогласена за културно наследство од особено значење, со што е ставена под трајна заштита на државата. Се наоѓа на просторот од Камениот мост до Бит-пазар и од Калето до реката Серава, Општина Чаир и Центар. Дел од градот со разновидна и богата историја, традиција, култура и архитектура, денес со направен спој меѓу старото и новото, стопанството и трговијата, културата и традицијата. Првите документирани податоци за постоење на трговски центар на местото на денешната чаршија датираат од XII век, а најактивно се развивала од XV до XIX век. Во време на отоманското владеење со Скопје, местото забрзано прераснало во најголем трговски дел од градот, во кој се наоѓале околу 30 џамии, бројни сараи и анови, како и други споменици. Во духот на историските временски и развојни прилики, културата на организација и традицијата на живеење, во Старата скопска чаршија се сочувани бројни функционални објекти од османлискиот период, а изградени се и нови објекти како одлика на модерното време. Станува збор за Скопскиот безистен, Капанан, Сулиан, Куршумли ан, Даут-пашиниот амам, Чифте амам, црквата Св.Спас, црквата Св.Димитриј, комплексот музеи на Македонија (историски, археолошки, етнолошки музеј). Чаршијата претрпела големи штети со земјотресите од 1555 и 1963 година, пожарот во 1689 година, како и двете светски војни, по што неколку пати била обновувана. Во чаршијата преовладува отоманската архитектура, иако се забележителни и остатоци од византиската. На 26 јули 1963 со силниот земјотрес кој го погодил Скопје, голем број на дуќани, но и културно-историските знаменитости биле целосно разрушени.
  • Скопските земјотреси во својата долга историја – градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Скопје потоа бил изграден на денешното место. И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Земјотресот од 26 јули 1963 година бил составен од два удари. Првиот бил во 5 часот и траел 20 секунди. Вториот, кој бил и катастрофален, се случил неколку минути подоцна и бил со интензитет од 9 степени според Меркалиевата скала. Во земјотресот загинале 1.070 луѓе, 3.300 биле посериозно повредени, а 100.000 останале без покрив на главата. Осумдесет проценти од сите градби во Скопје биле срамнети со земја. Триесетина монументални градби биле оштетени, меѓу кои и тврдината Кале, Сули ан, Безистенот, Археолошкиот музеј, Народната банка, Офицерскиот дом, Железничката станица и Националниот театар. Земјотресот бил уникатен меѓу катастрофалните земјотреси што се случиле во последните триесет години од тоа време во Европа и на медитеранот.

Ден 18 април 2025

00:01:17