Споменикот „Свети Климент и Наум“ е откриен во јуни 2012 година на плоштадот „Филип Втори“ на левата страна од кејот на Вардар. На мермерниот постамент од 3,5 метри се поставени двата големи македонски словенски просветители, високи пет метри, а околу самиот постамент се поставени 4 бронзени релјефи, од кои на 3 се прикажани сцени од нивните житија. Автор на споменикот на свети Климент и Наум е Перо Кованцалиев кој е избран на јавен конкурс на кој прва награда не била доделена.
Споменикот на свети Климент Охридски е поставен во средишното зеленило на истоимениот булевар, спроти Соборниот храм во Скопје, во декември 2010 година. Споменикот е изработен во бронза и е висок околу 4,5 метри, а е поставен на постамент од 1,2 метри. Авторот Томе Серафимовски.
Гимназијата „Никола Карев“ има свои почетоци уште во далечната 1944 година. Тогаш е формирана првата школа за народни учители, односно Учителската школа на македонски јазик „Никола Карев“. Својата настава оваа школа ја започнува во февруари 1945, со 317 ученици, 13 наставници и Илија Панов како нејзин директор. Школата работи полни 19 години, односно до 1963 година. Паралелно со школата, отворен е интернат за учениците и вежбална во која идните учители се подготвувале за својата работа. По земјотресот, школата се преориентирала во Педагошка гимназија. Поради уривањето на објектот, се појавиле потешкотии со просторот и одвивањето на наставата. Но, со голем ангажман, сепак, во 1970 година е предадена новата зграда на Педагошката гимназија „Никола Карев“. Во таа 1970 година, „Никола Карев“ станува гимназија, чии паралелки како такви, полека згаснале во 1984-85 година. Гимназијата во 1988-89 станала училиште за средно образование со биотехнолошка струка. При крајот на осумдесетите години на 20 век, училиштето се трансформирало во училиште за средно образование со природно-математичка струка. Реформите во средното образование повторно го именуваат училиштето како гимназија која денеска го носи името Средно училиште на Град Скопје, гимназија „Никола Карев“.
