Поминати се времињата од 1970-тите и од 1980-тите, кога секој ден во Скопје активни биле кина, рамномерно распоредени низ целиот град. На улицата Македонија се наоѓаа и славните кина “Вардар”, “Капитол”, “Уранија”, подоцна “Култура”, киното “Балкан” со летен ресторан и со летна кино-бавча, како и киното “Бамби”. Поранешното Скопје било „кинометропола“ и „град-мултиплекс“, бидејќи градот во 1970-тите имал околу 300.000 жители, а дури 12 киносали и 4 летни простори за прикажување филмови. Денес, повеќето од овие кина се одамна затворени и никаде не се чека ред за купување билети. А малкуте градски кина што сè уште работат, се најчесто посетени од мала публика Посебно место имаше популарното кино џабе, бесплатните проекции на филмови на отворено. И тоа не каде било туку во самиот центар на градот, на плоштадот, каде што денес се возобновува зградата на стариот Офицерски дом. Проекторот беше сместен во една просторија во приземјето на Офицерскиот дом, а „платното“ се наоѓаше на ѕидот од куќата отспротива, со приземје и два ката. Тоа и не беше филмско платно туку бело бојосан ѕид во вид на квадрат, урамен со црна боја. На тој бел квадрат се проектираа филмовите. Тогаш, публиката си ги заземаше своите места на тротоарот и коцката на киното џабе. Постарите, кои живееја во близината, си носеа столчиња од дома, и така седнати, го чекаа почетокот на проекцијата. Тоа за нив беше еден вид домашно кино. Најпрвин се прикажуваше журнал со актуелните вести. Потоа следуваа цртани филмови, кои предизвикуваа најмногу радост кај децата, но и кај повозрасните, како што беа јунаците Пајо Паторот, Мики Маус, Плутон, Снежана. На крајот доаѓаше централното филмско доживување од продукцијата на „Застава-филм“. Кино џабе всушност се наоѓаше во познатото Пошта Маало, на простор на улицата Ленински Комсомол, во близина на другите две познати улици Илинденска и Орце Николов. Во околината беа и познатите кина „Младина“ и „Куклениот театар“ (кино и театар), како и главната пошта и пасажот Ароести.
