Најомилена забава на скопјани била посетата на скопските кафеани. Бројот на јавните локали, кафеани, подруми и бифеа во Скопје во 1924 година изнесувал 300. Оваа бројка укажува на големата заинтересираност на граѓаните за посета на кафеаните. Типот на угостителските објекти бил многу разновиден – кафеани, подруми, пивници, барови, бифеа, крчми, меани и други. По завршувањето на Првата светска војна, во градот биле отворени многу нови кафеани, а главно се рекламирале во скопските весници. Васа Аврамовиќ бил газда на познатата кафеана „Метропол“, сместена во денешниот објект на стоковната куќа „Сити галери“. Била најпосетен објект во своето време, бидејќи нудела добра храна, услуга, пијалаци и музика. Гостувале „Трио Орлов“со репертоар на „Мјузикл хала“ и кабаре со раскошна гардероба и акробатски балетски точки. Во неа можеле да влезат само богатите, но постоел лимит колку смееле да потрошат за еднавечер. Кафеаната “Маргер”се наоѓала на плоштадот и била најпосетена кафеана во градот. Во попладневните часови кога затворале дуќаните, многу скопски семејства доаѓале во кафеаната на вечера. Во ноќните часови кафеаната “Маргер” се менувала во боемска кафеана, а посетители биле уметниците на градот. “Зрински” имал најмодерна и најголема сала каде што се доаѓале отмени гости, а се нудела домашна и странска кујна со разновидни пијалаци. Бавчата “Зрински” се наоѓала покрај реката Вардар и во неа гостите се чувствувале пријатно на свеж и чист воздух. Внатрешноста на “Зрински” била украсена со огледала од двете страни, со скапоцени завеси на високите прозорци и со добра вентилација на таваните. Масите и столовите биле во боја на махагони со што се дополнувал луксузниот изглед на кафеаната. Салата собирала околу 400 гости. Бавчата на ресторанот била многу долга, исполнета со дрвја и со цвеќиња. Бавчата била оградена соѕид на кој имало зелено обоени летви, а била поплочена со ситни каменчиња. Бавчата се осветлувала со петромакс ламби кои давале изглед на неонско светло. Во ресторанот свиреле салонски оркестри и биле прожектирани филмови. Во “Зрински” се приредувале забави, балови, пречеци на Нова година, ручеци и богати свадби. Ресторанот бил изграден во 1912 год., а изгорел во 1926 год. Кафеаната “Аполо” се наоѓала во подрумот на киното “Аполо”. Била декорирана со вкус, имала свој стил и била собиралиште на скопската елита. Во неа се организирале и концерти на врвни уметници, со познати диригенти меѓу кои гостувал и познатиот Купферберг. Кафеаната “Аполо” најдобро работела во 1925 година. Во оваа кафеана гостувале и руски уметнички трупи, а целата програма била интересна за скопската публика. Во кафеаната гостувале и балетски групи и хорови со играчи меѓу кои и Русинките Ваље Феодорова, Клео, Њиње, Марија Тан и други. Забавата во градот траела до раните утрински часови. Ресторанот “Палас” се наоѓал до дрвеното мовче во Еврејското маало на левата страна на реката Вардар и бил најпосетуван во 20-тите години. Во овој ресторан се прожектирале и филмови. Најчести реклами во скопските весници биле за кафеаните “Цекичев подрум”, Подрумот на Богдан Плавшиќ и др. Кафеаната “Брегалница” била сопственост на Вука и Драго Пешиќ, а ја нарекувале и “Скопска Скадарлија”. Во неа се собирале литерати и уметници – значајни луѓе како Дамјан Николиќ, Вицко Заниновиќ, Петар С. Петровиќ, Светолик Ниќичевиќ, Миливој Живановиќ, Радован Зоговиќ, Љубомир Добричанин, Раде Драинац, а во кафеаната се пишувале статии, песни, прикази кои најчесто биле објавувани во списанието “Јужна Србија”. Кафеаната “Париз” била ноќно седиште на скопските трговци, најголем број Евреи и тоа скопската еврејска елита. Во кафеаната имало музика за игра и звуци на џез-танго.
