домаАЗБУКА НА СКОПЈЕАзбука на Скопје - Селото Љубанци

Азбука на Скопје – Селото Љубанци

Љубанци е село во Општина Бутел, во областа Црногорија. Името на селото Љубанци потекнува од лично име на некој човек.Најверојатно се работи за Љубомир, Љубан, кој можно е во најдалечните времиња да бил основач и поседник на селото. Куќите на ова големо село се наоѓаат во долината на Љубанска Река, на граница помеѓу планинска падина на север и ниското земјиште на југ. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од извори соѕидани во чешми. Главни извори во селото се Чаушевац, Долна Чешма, Горна Чешма и Млака. Селото има збиен тип и е поделено на девет маала, чии имиња потекнуваат од главните родови коишто живеат во нив. Низ селото протекува Љубанската Река, која е притока на реката Серава. Соседни села се Љуботен на исток и Побожје на запад, со кои е поврзано со асфалтен пат. Над самото село Љубанци во шумовиот предел веднаш до манастирот Свети Никола, постои детското одморалиште „Страхил Андасаров“, во кое повремено се згрижувале бездомници. Селото Љубанци е една од постарите населби на Скопска Црна Гора за што сведочат повеќето цркви и манастири во неговата околина кои датираат од XI и XII век, како и големиот број на сочувани старинечки родови и родови доселени од две околни села (Лопушани и Згуровци), кои сега не постојат. На атарот на селото Љубанци има остатоци од различни културни епохи, а особено стари гробови, пари, остатоци од црквишта, кои селаните ги ископувале на местата Гребиште, Делба и Св. Јован. Првото училиште во Љубанци се отворило уште во 1853 година. Во 1934 година, во селото било отворено сезонско лекувалиште со 35 постели за лекување на туберкулоза. За разлика од останатите околни и соседни села на Скопска Црна Гора во кои е силно изразено србоманството, Љубанци и неговото население се одликуваат со висока македонска национална свест, голема приврзаност и свест за припадност кон Македонија, како и изразен македонски патриотизам и преданост на идеалите на ВМРО. На 10 август 2001 година, на нагазна мина кај месноста Љуботенски бачила загинале осум припадници на македонската војска.

Ден 18 април 2025

00:01:17