Првиот аеродром бил изграден во 1928 година, на 3 км оддалеченост од центарот на градот (денешна населба Аеродром), по дваесет години од првиот историски лет на браќата Рајт. Тој аеродром имаше меѓународна класификација, а се користеше само за дневни домашни и чартер летови. Првиот патнички авион кој слета на Аеродромот Скопје беше „Потез 29“ од француско производство, додека пак првиот лет беше на релација Белград-Скопје-Подгорица-Мостар-Сараево-Белград. Тој превезе 5 патници и 290 кг товар. Во 1929 година била воспоставена авионска линија Солун-Скопје-Белград. Времето на тргнување било така планирано што на патниците и трговците од Солун им овозможувало заштеда на време. Авионите поаѓале во 7 часот наутро. Големиот жупан на Скопје, Антонио Вилдовиќ, во 1925 година, како вљубеник во воздухопловството и прв човек на власта, купил еден француски авион “Каљдран”, прв цивилен (спортски) авион во Кралството Југославија. Како куриозитет старите Скопјани го сметаат слетувањето на Еми Џонсон, една од првите жени-пилоти во светот, на скопскиот аеродром во 1930 година при нејзиното враќање од Австралија за Лондон. Во 1937 година во договор со авионското друштво „Аеропут“ и Сидна, Министерството за сообраќај воспоставило авионски сообраќај со Кралството и странство. Со оваа линија стасувал и весникот „Правда“ од Белград. Првиот меѓународен лет се изврши во 1930 година на релација Виена-Грац-Загреб-Белград-Скопје-Солун. По Втората светска војна, во 1946 година беше воспоставена линија на релација Белград-Скопје со 5-6 летови секој работен ден во неделата, со авион ДЦ-3 (23 седишта). Во 1951 година беше воспоставен лет на релација Белград-Скопје-Солун-Атина, а по три години Белград-Скопје-Истанбул. Во 1963 година до катастрофалниот земјотрес и по проширувањето на градот потоа, аеродромот остана на истото место.
