Покрај Врело, меѓу пештерите во Матка, најпознати се пештерите познати како Убава и Крштална. Пештера Крштална Во склоп на спелеолошкиот Парк „Јовица Гроздановски“ се наоѓа пештерата „Крштална“. Таа се наоѓа на 100 метри над езерото и е со вертикален отвор. „Крштална“ спаѓа меѓу понудите за похрабрите. Имено, за да се влезе во неа потребно е да се спуштите во внатрешноста со помош на јаже или пак со помош на специјални скалички. Единствено во оваа пештера можат да се видат специфичните украси-хелактити, кои растат во спротивност од земјината тежа. Всушност, станува збор за сталактити кои се формирале во спротивност од земјината тежа, односно, се јавуваат во искривена и извиткана форма. Овој спелеолошки објект е и зимско престојувалиште на колонија лилјаци. Токму поради нив, пештерата Крштална е ставена под посебна заштита. Пештерата завршува со езеро кое е поврзано со надворешното езеро Матка. Посетата на овој објект ќе ви обезбеди вистинска и незаборавна авантура.Првото крштевање, односно првото вертикално спуштање по јаже на секој почетник-спелеолог се прави токму во оваа пештера, по што и го добила името Крштална.
Камили во Скопје Уште не е заборавено времето кога низ Старата чаршија се движеле камили, зашто Скопје е познато како град-крстосница со високоразвиена трговија. Трговските карвани, уште од најстарите времиња, постојано поминувале низ градот, но и поаѓале од него на разни дестинации во светот. Со карваните се увезувала и се извезувала различна стока. Карваните ги предводеле кираџиите, кои биле одговорни за сѐ, а едниот од нив бил главниот водач. Иако со нив одела и вооружена придружба, постои и еден ваков интересен податок: ако во вечерните часови карванот се приближил кон портите на Скопје, тој одбегнувал да влезе во градот. Поради поголема сигурност, придружбата со карванот преспивала во најблискиот ан, на пример во Ибраимово (Петровец), за да влезе во градот денски, во утринските часови. Еден карван се состоел од 50 до 100 коњи товар, со тоа што за преносот на стоката се употребувале и камили. Не случајно, сите поголеми анови во Скопје имале огромни влезни порти поради стоката што била носена со камилите и другиот добиток. Исто така, не случајно плоштадот и улицата кај „Чифте-амам“ што води кон Бит-пазар, каде што се снимени камилите, денес се вика Битпазарска, бидејќи таа отсекогаш одела во насока кон пазарот. Тука некогаш течела реката Серава, која во 1896 година е покриена.
