домаАЗБУКА НА СКОПЈЕАзбука на Скопје - Нестор Алексиев Мирчевски и Македонскиот Народен Театар

Азбука на Скопје – Нестор Алексиев Мирчевски и Македонскиот Народен Театар

Нестор Алексиев Мирчевски (Осој, Дебарско, 25 март 1873 – Скопје, 17 јули 1969) е македонски копаничар од меѓународна слава и последен од големата тајфа на вакви уметници во Македонија. Во Берлин од 13 мај до 10 јуни 1938 година се одржала Меѓународна занаетчиска изложба на која учествувале претставници од 38 држави. На изложбата го освоил првото место и добил Орден за посебни заслуги на Светската изложба во Берлин, како и диплома за успешно прикажана резбарска уметност и фолклорот од својот крај. Во Белгија престојувал и работел во резбарско ателје неколку месеци во градовите Брисел и Лиеж. Од белгискиот крал Леополд е одликуван со орден и со повелба за уметнички постигнувања. Познат е и по спасувањето на иконостасот од црквата „Св. Спас“ во Скопје во 1944 година од грабежот на Бугарите и изработувањето за 21 ден на саркофагот во резба во 1947 година со кој се пренесени моштите на Гоце Делчев од Бугарија во Македонија. За него се кажува дека бил Микеланџело на македонската резба и дека бил резбарот кој ги одушевил кралот Александар и Јосип Броз-Тито. Како генијален мајстор на тридимензионално прикажување на сите делови на резбата, устабашија и наставник во Уметничкото училиште во Скопје, Мирчевски во својот осумдесетгодишен работен век оставил голем број дела во дрво и мермер не само во Македонија туку и во седум држави на европскиот континент.

Македонскиот народен театар Првиот професионален/институционален театар на територијата на Македонија е Нaродно позориште – Скопје, формиран 1913 година од реномираниот српски комедиограф Бранислав Нушиќ. Формиран е во таканаречениот Турски театар, наречен и Ада Кафе, изграден 1906 година, кој Нушиќ таа 1913 година го адаптира во прв скопски театар, а отворен на 27 декември истата година. За жал, по само четириесеттина дена, театарот изгорел до темел. По пожарот Нушиќ ја гради таканаречената Театарска арена изградена за само три месеци. Таа несмасна градба им служела на Скопјани од мај 1914 до 15 јули 1915, кога градската управа решила да ја урне, верувајќи дека Стар театар ќе биде вселен до почетокот на сезоната, но воените случувања во тоа време го попречиле овој план. Иако без соодветна зграда, соодветни услови за работа и мал актерски ансамбл, Театарот работи мошне активно. На 16 октомври 1927 година, во Скопје, свечено е отворена новата зграда на преименуваниот театар Народно позориште Краљ Александар I. Овој театар активно работи до 1941 година. Со промената на власта/политиката, доаѓа и до промена во политиката и делувањето на театрите. Театарот во Скопје паѓа под бугарска управа и се преименува во Народен театар – Скопје. Работи од 1941 до 1944 година, и се зборува/игра на бугарски јазик. Формирањето на Македонскиот народен театар е на 31 јануари 1945 година на Президиумот на АСНОМ, со решение бр. 581/45, со што официјално започнува со работа оваа сценско – уметничка куќа. За директор е поставен Димитар Ќостаров, а Илија Милчин е секретар – драматург. По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963, објектот е урнат, а од 1965 година трите ансамбли на Македонскиот народен театар работи во тогаш изградениот монтажен објект. Во 1983 година се вселува во новоизградениот објект, во кој денес работат Македонската Опера и Балет.

Ден 18 април 2025

00:01:17