домаАЗБУКА НА СКОПЈЕАзбука на Скопје - Миладиновци и Мирковци

Азбука на Скопје – Миладиновци и Мирковци

Миладиновци (старо име: Аџилари) е село во Општина Илинден, во околината на градот Скопје. Денешното село Миладиновци е формирана кон крајот на XVIII век. Според едно предание селото го основале доселеници од прилепското село Мажучиште, кои тука се населиле за да се засолнат од потерата која ги барала поради убиство на некои арачлии. Друга малку повидоизменета верзија вели дека селото го основале („туриле колец“) турскиот род Алиловци (од „Оросан во Арабистан“), а веднаш по нив на имотот на чифликот на Ракип-бег се доселиле предците на македонскиот род Трајанковци, кои пребегнале од Прилепско откако таму двајцата браќа близнаци Трајан и Трајко убиле некој човек (Турчин – даночник т.е. „арачлија“) при што тука дошол Трајан, а Трајко заминал на Овче Поле. Кон крајот на XVIII век најплодната земја на селскиот атар припаѓала на познатиот силен Ракип-бег, а на нивната земја до пред крајот на турското владеење биле основани уште 3 чифлици на кои работеле само македонските христијански жители, додека постојано населените муслимански семејства имале своја земја. На турските гробишта во селото во 1912 година се наоѓал жртвеник со латински натпис, посветен на богот Херкул.

Мирковци е село во Општина Чучер-Сандево, во областа Црногорија, во околината на градот Скопје. Селото е ридско, на надморска височина од 475 метри. Селото е староседелско. Има остатоци на стари градби во наоѓалиштето Развраниче, Шумарица и тоа: гробови, камен, покривна керамика, остатоци од стара црква, најверојатно ранохристијанска базилика. Во Мирковци има мала група на староседелци, поради што може да се заклучи дека се работи за старо село. Меѓутоа, во историските извори тоа првпат се сретнува во XV век, односно на 9 февруари 1445 година, кога Иса-бег го приложил на медресата во Скопје. Селото отсекогаш било едно од поважните села во областа Црногорија. Поради тоа, селото поседувало училиште од 1844 година. Од ова место потекнуваат повеќе споменици од бел мермер: надгробна стела од која е зачуван делот со латински натпис; дел од релјеф со претстава на Венера и мал крилест гениј; надгробен споменик со релјефно претставена розета, чешел и огледало; горен дел од надгробна стела со розета и претстава на огледало и чекан; и плочест дел со релјефна претстава на воловска глава (букранион) од чија лева страна виси гирланда. Наодите се чуваат во лапидариумот на Музејот на Македонија во Скопје.

Ден 18 април 2025

00:01:17