Васа Аврамовиќ бил газда на познатата кафеана „Метропол“, сместена во денешниот објект на стоковната куќа „Сити галери“. Била најпосетен објект во своето време, бидејќи нудела добра храна, услуга, пијалаци и музика. Гостувале „Трио Орлов“ со репертоар на „Мјузикл хала“ и кабаре со раскошна гардероба и акробатски балетски точки. Во неа можеле да влезат само богатите, но постоел лимит колку смееле да потрошат за еднавечер. Кафеаната “Маргер” се наоѓала на плоштадот и била најпосетена кафеана во градот. Во попладневните часови кога затворале дуќаните, многу скопски семејства доаѓале во кафеаната на вечера. Во ноќните часови кафеаната “Маргер” се менувала во боемска кафеана, а посетители биле уметниците на градот. Кафеаната била место за уметнички и книжевни разговори.
Македонија улицата е отворена по повод доаѓањето на султанот Мехмед Решад Петти во Скопје во 1911 година. Бидејќи била нова, ја нарекле Јени џаде. А постои и една интересна коинциденција, бидејќи токму во 1911 година започнале да се појавуваат и првите автомобили во Скопје. Набргу потоа, таа е именувана по претходникот на Мехмед Решад, односно во улица „Султан Хамид“. За време на Првата светска војна се вика „Цар Фердинанд“, од 1922 година „Краљ Петар“, додека од 1942 година „Цар Борис“. Најдолго го носи името „Маршал Тито“, што го добива по ослободувањето, а во „Македонија“ е преименувана во 1993 година. На улицата се наоѓаа рестораните и хотелите “Париз”, “Лондон”, “Москва”, “Бристол”, “Балкан”, “Русија”. Била позната и кафеаната “Тутанкамон”, веднаш до Станицата. На улицата Македонија се наоѓаа и славните кина “Вардар”, “Капитол”, “Уранија”, подоцна “Култура”, киното “Балкан” со летен ресторан и со летна кино-бавча, како и киното “Бамби”. Својата главна патека скопското корзо ја имаше токму на улицата, започнувајќи некаде од Плоштадот и Ристиќевата палата, па сe до Железничката станица. Тука се изградени првите вистински скопски палати (оние на Ристиќева палата, куќите на Настеви, Икономови, Шеќеринови, Караџа, Крангови…). Во нив се инсталирани првите санитарни јазли и купатила, проработеле првите телефони, се појавиле првите фрижидери и ѕидани шпорети. Малку е познато дека оваа улица му припаѓала на едно од првите маала кое се формирало на десната страна од реката Вардар, познато како Гази Ментеш маало. Својот најголем процут улицата „Македонија“ го доживува во 20-тите години од минатиот век, кога околу неа се градат најубавите згради, но и во преминот меѓу 20-тите и 30-тите години кога градоначалник на Скопје е архитектот и творецот на првиот вистински урбанистички план на градот Јосиф Михајловиќ.
