домаАЗБУКА НА СКОПЈЕАзбука на Скопје - Маркови Кули и Марков Град

Азбука на Скопје – Маркови Кули и Марков Град

Маркови Кули (или град Чрнче) е доцноантичка и средновековна утврдена населба која се наоѓа 4,5 км на југоисток од центарот на Скопје. Качена е на источниот крај на планината Водно во месноста Марково Крувче, врз издаден и стрмен варовнички гребен 350 м. високо над полето и Вардар во подножјето. Озгора има поглед врз полето многу километри на север, североисток и исток. Поврзан е со патот што по изохипса врти околу планината, а на тој пат израснале словенските средновековни села Сопиште, Водно, Нерези, Крушопек, Гр(ада)чец. На зарамнетиот врв во VI век бил изграден еден необично силен кастел со големина 360 х 90 м. Ѕидовите му биле широки до 2,5 м и зајакнати со 40 кули. Овој голем и невообичаено силно укрепен кастел со невообичаено големи цистерни за вода и невообичаено голем број кули служел како главна заштита и збег на жителите од рановизантискиот град што стоел во центарот на денешно Скопје; градот кој несомнено може да се идентификува со Јустинијана Прима.

Марков Град е доцноантички кастел и средноковна тврдина Марков Град привлекува внимание како со својата невообичаена позиција, така и со интересната композициска диспозиција на составните делови од тврдината. Овој културно-историски споменик се наоѓа околу 2 километри јужно од селото Матка. Сместен на високите карпи што се наднесуваат над езерото Матка, точно во линија над средновековната црква Св. Андреа, за околу 400 метри над неа. Се работи за останки од цврсто утврден пункт во планот составен главно од два дела: aкропола и подградие. Тврдината долго време не била проучувана, веројатно затоа што се наоѓа на непристапна положба и да се пријде денес на некои нејзини делови претставува извесен алпинистички подвиг. Во нејзиннте рамки се наоѓаат повеќе објекти меѓу кои средновековната црква Света Недела и централен станбен објект до црквата.

Ден 18 април 2025

00:01:17