домаАЗБУКА НА СКОПЈЕАзбука на Скопје - Маркова рака, Матка / Муратова џамија

Азбука на Скопје – Маркова рака, Матка / Муратова џамија

Маркова рака, Матка. На двете страни на фасадата на манастирот Св. Андреја во Матка се наоѓаат отпечатоци од раката на Крале Марко. Според легендата, Крали Марко со брат му Андреа минувале оттука и застанале да се одморат и освежат. Андреа влегол во меаната што се наоѓала на местото од сегашниот ресторан во која имало голем турски аскер. Турците го убиле Андреа, а Крали Марко, откако го одмаздил, како знак на предупредување оставил отпечаток од својата дланка во ѕидот од манастирот. Вљубениците во културно-историските споменици можат да добијат организирани аранжмани, меѓу кои, посета на Марков град, средновековна населба-тврдина од 14 век, во која се наоѓаат остатоци од црквите „Св.Недела“, „Св.Ѓорѓи“ и „Св.Троица“. Тука е и локалитетот наречен Маркова нога, со кој се поврзани легендите за Крали Марко како и Марков град, доцноантичка и средновековна тврдина – кастел, Марков стол, Маркова воденица и Маркова нога.

Муратова – Хјунќар џамија е несомнено, најстара постојна џамија на територијата на Балканот е изградена уште во 1436 година како задужбина на султан Мурат II (владеел од 1421 до 1451 година), татко на султан Мехмед Освојувач и токму поради тоа таа во народот е позната уште и како Хјунќар, односно господска или султанска џамија. Оваа џамија била изградена на темелите на некогашниот христијански центар на Скопје, манастирот Свети Ѓорѓи Горгос (Скоропостижник) на врвот на Виргинов Рид, кој се издига источно од Бит-пазар. Оваа градба, што патописците Евлија Челебија и Хаџи Калфа ја опишуваат во своите натписи како шестоаголна градба, чиј горен дел бил изграден од дрвена конструкција, била подигната во средината на XVI век, поточно во периодот меѓу 1566 и 1572 година. Хаџи Калфа забележал дека Скопје има една саат кула најголема од сите саат кули кај христијаните, како и дека таа ги отчукувала саатите и ден и ноќ, а звоното и се слушало на два саати надалеку. Францускиот патописец Филип Дифрен-Кане, пак, во 1573 година пишува дека во Скопје има еден јавен часовник што се слушал во целиот град и кој ги отчукувал часовите на француски начин. Според досегашните сознанија, таа е прва саат кула подигната на територијата на тогашното Турско Царство. Треба да се напомене дека нејзиниот долен, односно ѕидан дел не бил специјално граден, туку едноставно за оваа намена била искористена една од четирите кули во составот на бедемите што го штителе манастирот Свети Ѓорѓи Скоропостижник. Нејзиниот сааатен механизам бил донесен од Унгарија, по освојувањето на градот Сигет од страна на Турците. Овој објект, како и Хјунќар џамија, претрпел огромни оштетувања за време на големиот пожар во 1689 година. Но, интересно е тоа што старата манастирска кула и дрвената надградба со часовникот опстојувале се до 1904 година кога саат кулата, во времето на валијата Хафиз-паша, го добила сегашниот изглед: дрвената конструкција конечно била заменета со тули и бил монтиран нов саатен механизам кој го одбројувал времето “ала турка”. (4)

Ден 18 април 2025

00:01:17