Азбука на Скопје – Лидија Велковска и Композицијата луѓе птици
- Лидија Велковска 1975 г. е избрана за мис на Македонија и на Југославија. Учествува на изборот за мис на светот во Лондон и е избрана за четврта придружничка. Имаше завидна кариера како манекенка и се појави на безброј насловни страници во најреномираните југословенски списанија. Порано, со нетрпение се очекуваше изборот на Мис на Македонија. Своевремено, организатор беше ревијата „Екран“, па потоа Лидија Велковска. За дваесет и две години, колку што Македонија ја поседува лиценцата за избор за Мис на Македонија за Мис на светот, на светскиот избор за убавина сме испратиле само 14 девојки, а сме паузирале осум години. Во Бејрут, Либан се одржа изборот за Мис на Европа за 2023 година. Нашата држава ја претставуваше Моника Црнокрак, која успеа да ја освои титулата Мис Фотогеничност (Miss Photogenic), во конкуренција на 35 девојки од исто толку европски држави.
- Композицијата „Луѓе-птици“ на Иван Ивановски ја сочинуваат две скулптури кои стојат на двата столба од некогашната Бурмали џамија. Ваквата уметничка интервенција врз столбовите на Бурмали џамијата која датира од 15 век, предизвика реакции во јавноста и барања таа да биде отстранета, бидејќи остатокот од џамијата претставува културна вредност што треба да биде заштитена. Скулптурите на две голи човечки фигури на вајарот Иван Ивановски, едната во цел раст, а другата во клекната положба, кои стојат една наспроти друга, се изработени од полимермер. Покрај сумата за нивна изработка, авторот добил и парична награда.