КУЧЕВИШТЕ Селото се наоѓа во северниот дел на Скопската Котлина, на територијата на Општина Чучер-Сандево, на југозападната падина на Скопска Црна Гора. Селото е ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 530 до 620 метри. Кучевиште по својата големина, но и важност, имало улога на главно село во областа Црногорија, на падините на планината Скопска Црна Гора. Поседува поволна местоположба и атарот изобилува со шуми и пасишта во северниот дел, а во јужниот дел се наоѓа обработливо земјиште. Низ него поминува и Кучевишка Река. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од чешми, но и од изворот Бигор кај Кучевишкиот манастир.Кучевиште се смета за стара населба во областа на Скопска Црна Гора. Првпат е споменато под името Клчевиште во 1348 година како село на жупанот Радослав. Тогаш, една половина од селото, која дотогаш припаѓала на познатиот средновековен манастир „Св. Никита“, била предадена на манастирот „Св. Архангели“ кај Призрен. Истата година споменато е дека во селото постоела црквата „Св. Богородица“, која постои и денес, во средишниот дел на селото. Веројатно, таа е подигната од жупанот Радослав. Меѓутоа, бидејќи црквата слави Вознесение Христово, истата често е нарекувана „Св. Спас“.За Кучевиште има пишани документи и од турскиот период. Споменато е во 1445 година, кога соседното село Мирковци било доделено на Исхак-беговата џамија од Скопје. Во 1779 година, селото припаднало на скопскиот вакуф Хума Шах Султан, поради што било ослободено од даноци. Опширен и детален опис за Кучевиште и неговите жители, нивниот дух, стопански занимања и живот во XIX век, во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 дава македонскиот револуционер Ѓорче Петров, кој запишал дека во тоа време Кучевиште имало 250 куќи со 1500 жители со што било и најголемото село во Скопско. Улиците му се доста уредени и поплочени со калдрма, сите куќи му се заградени со авлии (дворови). Според внатрешниот изглед тоа е најубавото село во Скопска Црна Гора. Има и мала чаршија од 5-6 дуќани.
