Кучевишкиот манастир Манастирската црква е посветена на архангелите Михаил и Гаврил и градена по примерот на црквите од Света Гора, датира од 14 век. Изградена е во периодот меѓу Маричката (1371) и Косовската битка (1389). Живописана е во 1591, а во тоа време е направен и иконостасот, од кој е сочуван само крстот. Сегашниот иконостас е од средината на 19 век. Црквата и иконостасот се реставрирани во 1991/1992 година. Западниот ѕид е посветен Христовото родословје според неговата библиска генеалогија во сцената наречена Лозата Есеева, насликана во припратата на Кучевишкиот манастир (1630/31), само по себе го легитимира авторот како опитен зограф со видна богословска образованост. Кучевишкиот примерок е единствената претстава на Христовата генеалогија во Македонија во доцниот среден век и е единствена во централно-балканскиот простор. Ова родословје е насликано на 25 квадрати има вкупно 110 сцени и фигури, меѓу кои и оние на Сократ, Платон, Аристотел и Плутарх, чијашто безвремена мудрост е преттеча на старозаветните мудреци, кои се роднини на Христос. Источниот ѕид е посветен на Страшниот суд, каде што на страната на грешниците, се наоѓа и Александар Велики, поставен на клупа меѓу други пагански владетели, како и група османски господари со фесови на главите. На дното на импресивната претстава на пеколот како огнена река, се наоѓа црниот Сатана, кој во рацете го држи грешниот Јуда. Во 19 век манастирот ја доживеал својата преродба кога станал богословски училишен центар со богата библиотека и вредни предмети за богослужба, а бил и дограден јужниот конак како пандан на постариот. Активностите во манастирот во најголем дел се поврзувале со тогашниот игумен, јеромонахот Мисаил од тетовска Копаница (Копанце). Во манастирот, на гости или како учители, доаѓале видни луѓе од сосетството, тадури и светогорски и руски монаси. Во време на Балканските војни во 1912 година за одреден периот животот во Кучевишкиот манастир згаснал. Денес е повторно жив женски манастир. Народот беседи дека манастирската црква била изградена покрај светата река во времето на кралот Марко. Во манастирот 48 години живее игуменијата Марија. Од дете служи и верува во моќта на овој манастир. Конакот е изграден во 17 век и низ него тече поток, односно во во подземните одаи. Градбата се состои од приземје и кат со простран чардак. Во конакот има и фурна и огниште. Конакот се наоѓал во понезавидна состојба, и по барање на игуменија Марија, тој бил реставриран од страна на Американскиот фонд за култура.
