Комплексот музеи на Македонија (историски, археолошки, етнолошки музеј). Се наоѓа во Стара Чаршија, под Скопското Кале. Првиот Археолошки музеј во Македонија е формиран во 1924 година, а во 1945 година е востановен Народниот музеј на Македонија. Во 1949 година посебните одделенија во Народниот музеј се трансформираат во Археолошки музеј и Етнолошки Музеј. Почетоците на Историскиот оддел датираат од 1952 година. Денешниот музејски комплекс е изграден во 1976 година. На површина над 10.000 м2, на едно место можат да се видат систематизирани збирки на културно-историското наследство на Македонија од праисторијата до денес. а.Археологијa-Постојаната изложба содржи археолошки предмети од ископувањата низ целата држава: од палеолитот, енеолитот, бронзеното и железното време, преку римскиот и античкиот период, до словенско- византискиот период б.Етнологија-Одделот содржи околу 18.000 етнолошки предмети, кои хронолошки датираат од X до XX век: народни носии, накит и занаети, архитектура, резба и керамика, народни музички инструменти, како и бројни дрвени и метални предмети од домаќинство в.Историја-Богата збирка од словенско- византискиот период, османлиско-турската власт во Македонија, културната преродба, национално-револуционерното движење, периодот меѓу двете светски војни до НОВ и повоената изградба на Македонијa
KАМЕНА ГЛАВА Во големо поле, си била карпа во облик на човечка глава. Никој не памети кога дошле првите луѓе тука, но сигурно се знае дека тие веднаш ја завикале KАМЕНА ГЛАВА. А карпата имала: две очи, две уши, две ноздри и една уста! Старите велат дека таму каде што биле очите од Големата Камена Глава, се отворила двете клисури: Качаничката и онаа на Матка; реките Лепенец и Треска потекле низ нив за да потсетуваат на реки од солзи што биле пролеани додека Голема Камена Глава била маѓепсана; кај што биле ноздрите, сега се отвораат клисурите познати и како Групчински и Радушки Дервен; планината Жеден пак, го добила името по тоа што јунакот токму на тоа место бил најмногу жеден додека се борел, а се наоѓа на местото помеѓу нив, како што и носот ги спојува и раздвојува ноздрите; преслапите на Китка Планина, како и на седлото кон Матејче, оттогаш се таму каде што некогаш биле ушите на Големата Камена Глава; Таорската Клисура, најнапред ширум отворена, а потоа стеснета како грло, била создадена на местото на кое била устата од Големата Камена Глава! За Скопје постои и друга легенда, но и во таа копјето е централниот мотив во приказната. Според неа, името дошло од копјето со кое Крали Марко го убил Црна Арапина, токму на местото каде што подоцна се формирал градот.
