домаАЗБУКА НА СКОПЈЕАзбука на Скопје - Кањон Матка и Маркова Река

Азбука на Скопје – Кањон Матка и Маркова Река

Заштитено подрачје “Кањон Матка” Матка претставува еден од најголемите рефугијални центри за време на глацијалниот период, што придонело денес на овој простор да се сретнат голем број реликтни и ендемични растенија и животни. Површина (ха): 5.442,00, Минимум Височина: 350, Максимум Височина: 1401. Од вкупниот број на 1 000 видови на растенија, 20 % се ендемити или реликти. Од терциерните реликти, позначајни се кошаниновата темјанушка (Viola kosaninii) и наталиевата рамонда (Ramonda nathaliae). Во кањонот се регистрирани 119 видови дневни и 140 видови ноќни пеперутки, 77 видови на балкански ендемични мали пеперутки, а уште 18 други видови нови за науката. Регистрирани се 124 видови птици, меѓу нив најзначајни се белоглавиот и египетскиот мршојадец, орелот змијар, сивиот сокол и уште 11 видови од европски интерес за заштита. Голем е бројот на видови вклучени во листите на Бернската и на Бонската Конвенција, како и во директивата за птиците на Советот на Европа. Во рамките на кањонот се наоѓа спелеолошкиот парк “Јовица Гроздановски”, наречен според трагично загинатиот алпинист. Паркот е составен од три пештери (Врело, Убава и Крштална), како и една подводна пештера (Подврело)

Маркова Река (29км) Маркова Река извира во гребенот на масивот на Мокра Планина (под врвот Пепељак) и протекува во правец кон север добивајќи вода од својата прва лева притока, понорницата Патишка Река. Маркова Река извира од големото езеро (на Салаковските Езера) на Црн Врв – тоа е почетокот на Маркова Река и по кусо течение по билото на Црн Врв, таа влегува во еден дол меѓу Црн Врв и Ибраимица. До Марковиот манастир таа тече во северозападен правец по тој дол, којшто е многу длабок и тесен, но не така кривулест, а кај манастирот таа веќе се ослободува од вертикалните прегради и слегува во подножјето на планината. Како продолжение на двете стрмнини, кои ја заградуваат нејзината долина над манастирот, се спуштаат надолу крај реката тумбовидни различно поставени тераси и ред ридови, меѓу кои реката се извива во лакови. Од манастирот до селото Сушица, каде што во неа од лево се влева Суводолската Река, таа прави 12 свиоци (меандри) под остар агол, секој долг околу 7-10 минути пат во должина. Во долината на Маркова Река се влеваат нејзините три помали десни притоки Умовска, Цветовска Река и Батинчица. Протекувајќи крај селата Варвара и Батинци, непосредно кај Драчево, Маркова Река навлегува во Скопската Котлина и течејќи низ својата алувијална раминина во Скопското Поле, близу населбата Горно Лисиче се влева во реката Вардар. По едно течение од околу ½ час таа се влева во Вардар кај с.Лисиче. Потеклото на името на Маркова Река се поврзува со средновековниот македонски владетел Крале Марко, кој е честа тема во македонското народно творештво, а постојат и голем број на топоними поврзани со него низ целата територија на Македонија, како што се и Марковиот Манастир „Свети Димитрија“ и селото Маркова Сушица во непосредна близина на Маркова Река. Артур Еванс, археолог, 1883 година ја посетил Маркова Река и открил наноси на златен песок! Тука, трагачите по злато, на посебно одредени места, ја измивале песокта.

Ден 18 април 2025

00:01:17