Јустинијан I византиски цар, Петрус Сабатиус е роден во малото село Тауресиум, денешно село Таор во византиската префектура Илирик, во близина на Скупи (денешно Скопје), веројатно на 11 мај 483 година од Вигилантија, сестрата на генералот Јустин, кој подоцна ќе стане византиски цар Јустин I. Јустин I го посвоил и го зел кај себе во Цариград, обезбедувајќи му солидно образование, особено од областа на правото, теологијата и историјата. Кога Јустин I бил прогласен за цар, тој добил висок воен чин во царската гарда (magister militum). Уште пред доаѓањето на царскиот престол, Јустинијан покажувал голема надареност за владеење што се потврдувало со големото влијание што го имал врз неговиот вујко. Во 525 година добил титулата кајсар, а на 4 април 527 година бил прогласен за август, со што станал совладетел на Јустин I. На 1 август 527 година Јустин I умрел, со што Јустинијан на 44 годишна возраст станал единствен цар на Источното Римско, односно Византиско Царство.
