домаАЗБУКА НА СКОПЈЕАЗБУКА НА СКОПЈЕ - ЈАВНИ БАЊИ

АЗБУКА НА СКОПЈЕ – ЈАВНИ БАЊИ

Јавните бањи во Скопје ги граделе ориентални неимари. Сите според надворешниот изглед, личеле една на друга, но според својата внатрешност, тие битно се разликувале. Некои од нив личеле на старите римски бањи, други биле со модерен изглед, но најчесто внатрешноста била ориентална. Во градот постоеле четири јавни бањи кои ги посетувале муслиманите и голем дел од христијанското население. Овие четири бањи имале 18 одделенија за капење со 43 мали корита од кои се земала топла вода за поливање. Поливањето се вршело со специјални посатки, наречени тасови. Освен корита, во бањите, имало и 3 кади и два туша. Водата била носена или од бунари (со помош на електромотор) или од обични јавни чешми. Во овие бањи имало и 23 кревети за одмор, а имало и простории за потење. Дневно се капеле околу 140 луѓе. Посетата на јавните бањи претставувала ритуал, со посебни подготовки. Секој носел пешкир, тас за посипување и храна, бидејќи во бањата се останувало по неколку часа. По завршувањето на капењето и парењето, се седело пред бањите, се пиело кафе, клакер и газоза. Амбалажата на клакерот и газозата била интересна – мали шишиња кои се отворале со буткање на топче кое служело како затворач. Честопати во бањите, во зимскиот период, се правеле и вистински гозби со разновидна храна.

Ден 18 април 2025

00:01:17