Ановите се значајни објекти на профаната ориентална архитектура во кои наоѓале сместување и преноќевање во прв ред трговците и кираџиите, за себе и за својот карван, а потоа и сите останати патници. Познато е дека Скопје во минатото бил развиен трговски и занаетчиски центар. Во него пристигнувале карвани со трговска стока и патници. Нивниот број бил доста голем, што се заклучува од податоците што се добиваат главно од вакафнамињата на одделни задужбини, како и од оние што се сретнуваат кај некои патеписци. Така, до средината на XVI век се регистрирани тринаесет анови и каравансараи во Скопје. Први податоци за каравансараите е податокот за Сули ан или „воден“ по водата – реката Серава која течела покрај него, бил познат и како „Стар ан“ затоа што бил прв ан во Скопје. Овој ан бил граден во првата половина на XV век. Потоа следи податокот за уште два скопски ана, Капан ан и Куршумли ан кои биле изграден исто во XV век. Сулу ан, Капан ан, Куршумли ан, Ќурчиски ан, Нов ан, Даут Паша ан, Јахја Паша ан, Бајрам Паша ан,Табакли ан (кожарски), Ќурчи ан, Пиринч ан, Бојали ан, Дев ан, Џамли ан, Јанчев ан, Фенери ан, и 6 Каравансараји (каравансарај на Капаџи – Баши Синан, два каравансараи на Мустафа Паша каравансарајот на Карли Заде, каравансарајот на Кукли Бег и каравансарај на Рустем Паша). Во околината на Скопје се споменуваат следниве анови. Најблиску до градот биле ановите во село Маџари, два ана со село Долно Оризарски, еден ан во Идризово, два ана во Ибрахимово или Петровец, Катланово, Сопиште (Сопишки ан – Голем ан), Драчево-Студеничани, Никуштак (Ан Бучар или Бучук), Радуша, Семениште–Буковик (Ан Семениште), Бојани (Ан Бојане), Блаце (Елеш ан), Злокуќани (Ан Злотич), Ѓојлери, Пуста Брезница, Арачиново-Харачиново, Мојанце, Алдинце. Вкупно во котлината имало 20 попатни ана. Сѐ до пред Втората светска војна можеле да се видат камили во карваните. Камилите претставувале егзотични животни и предизвикувале големо внимание среде Старата скопска чаршија.
