Амам (тур. hamam) е градска бања настаната на средниот исток. Капењето во амам било за одржување на личната хигиена, дел од обред, но и за задоволство. Амамите биле важен дел од турската култура и служеле како место за социјализација. Меѓу објектите од профаната архитектура во Скопје посебно место заземаат амамите (градските бањи), како по својата бројност така и по монументалноста. Своевремено во Скопје имало 12 единечни и 3 двојни (чифте) амами. Бројните јавни амами, покрај куќните амами чиј број бил многу голем, зборува за значењето и важноста што Османлиите им го давале на овој вид објекти. Најголемиот број на скопските амами билe изградени во XV и XVI век. Амамите биле задужбини на видни личности во државата (паши, везири, бегови и др.). Тие претставувале вакафски имот и биле завештавани за одржување на други објекти кои нивните основачи ги граделе. Даут Паша амам (јавна бања) се наоѓа на влезот од Старата скопска чаршија. Чифте-амамот (јавна бања) во старата скопска чаршија. Ѓулчилер (Шенгул) амам се наоѓал веднаш до југозападната страна на Куршумли ан. Како амам служел се до катастрофалниот пожар во 1689 година. Со навлегувањето на бањите во домовите, многу семејства почнале да ги напуштаат амамите.
