Државниот завод за ревизија го објави извештајот за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното сообраќајно претпријатие „СКОПЈЕ ‘‘ Скопје, за 2023 година, во кој даваат неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на ЈСП и се заклучува дека јавното претпријатие не е во состојба да обезбеди квалитетни и навремени услуги на граѓаните на град Скопје.
Со ревизијата е утврдено дека Владата нема донесено одлуки за одобрување на средства од буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) за покривање на трошоците за бесплатен градски превоз на редовните студенти на државните универзитети за учебните години 2022/2023 и 2023/2024. Поради тоа, во буџетот на МОН не се предвидени средства за оваа намена, додека јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ продолжува да ја исполнува својата законска обврска за бесплатен јавен превоз, но без надомест. Недостигот на средства од МОН влијае на континуитетот на услугата“, се посочува во Извештајот.
Ревизијата истакнува дека се потребни активности насочени кон отстранување на тешкотиите и проблемите кои подолг период се присутни во работењето на претпријатието, кон обезбедување на континуитет во функционирање на дејноста, подобрување на квалитетот и ефикасноста во извршувањето на јавниот превоз, подигање на еколошките стандарди, односно кон остварување на мисијата на претпријатието, обезбедување на квалитетни, навремени, сигурни и во континуитет услуги.
За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица, се заклучува во Извештајот на ДЗР за ЈСП Скопје.