Пределот Охридско Поле е распослан на североисточниот и источниот брег на Охридското Езеро. На север граничи со пределите Дебарца, Струшко Пиле и Струшки Дримкол, на запад преку езерото со Албанија, а на југоисток преку планината Галичица со Преспа.
Населението во селата било претежно македонско, но во околината покрај графот живееле и турци, албанци, власи и роми. Се занимавале најчесто со сточарство и земјоделство, а во втората половина на 20 век значително се развило и печалбарството. До крајот на 80тите години од минатиот век, од големо значење било и занаетчиството. Најмногу истакнат занает било кожуварството, а според работата, Охрид со овој занает му парирал на Костур, каде кожуварството било најразвиено.
Женската носија ја сочинувале: кошула, поманики, клашеник, појас, скутник, џуница, џубе, кусак, гунче, чорапи, сокај, гајтан, марама и сокајници.
Кошулата е од домашно платно: конопно, ленено или памучно. Кроена е од преден и заден стан, со ракави, клинови и јака/корил. На ракавите, предниците и јаката е везена со коприна, а на долниот дел со бел вез/чикме. По ослободувањето, наместо со вез, кошулите се украсувале со бедеми, вид на тантела, плетена со чингеларска игла.
Поманики се плетени ракавчиња, со должина од шаката до лактите. Се носеле под ракавите од кошулата.
Клашеникот е горна, безракавна облека, изработена од бела клашна. Тој е долг до колковите и е везен со бела срма.
Појасот е црн и е плетен од козина, во вид на гајтан. Бил прилично долг и се опашувал на клашеникот.
Скутникот е ткаен од волна. Има два типа: првиот вид е најстар. Еднодиплена ткаеница на црна основа, со вертикални, срмени пруги. Во долниот дел е везена со срма и поткитена со реси/камушки од црвена чоја. Вториот тип е дводиплена скутина, со прави, вертикални пруги во разни бои, а на црвена основа.
Џуница е тесно и прилично долго појасче. Ткаено е од црвена и црна преѓа, а на едниот крај е споено со парче црвена чоја. Џуницата е китена со монистри и метални пари. Се носела над скутникот. Невестите ја носеле до една година по свадбата, а потоа само на големи денови.
Џубето е горна, безракавна облека. Постојат неколку вида: невестинско од црна клашна, украсено со црвени гајтани; бело невестинско џубе, со бели гајтани, се носело дури невестата не се стори мајка. Потоа, се фарбало во темно црвено, и така како леунка го носела мајката протув уроци. Во време на жалост, белото џубе се носело наопаку, комплетирано со црна шамија и црн скутник; и срмено џубе кое било изработено од црна чоја, а било украсено со срма.
Кусакот е горна облека од бела клашна. Ракавите му се до лактите, а долг е до под колената. Украсен е со гајтани и вез.
Гунчето е горна, зимска облека со ќулавка.
Чорапите се плетени и богато орнаментирани. Според шарата, најубави биле невестинските, од кои се издвојуваат “алени ветки”, “алени со кокошки”, “пешчанско колце” и др.
Сокај е невестинско покривало за глава, составен од ќулавка, пишч, ограјци со појаси и реси долги околу 40цм. Се носел од денот на венчавање, па се додека невестата не стане мајка. Потоа се носело “сокајче”. Бело платно обликувано како капче, а придржено на главата со подбрадник, а на крајот завршувало со стара пара. Се носело до крај на животот.
Сокајници се вид украси за на чело, изработени од црни волнени конци, а се носеле под сокајот.
