Женската мариовска носија ја сочинуваат: кошула, гушале, калци, саѓија, појас, вута, гуна, ѕуври, чорапи, пинци, коцел, обрус, гајтан, шамија и накит.
Кошулата е од бело, домашно, памучно платно. Кроена е од јака/затилок, рамни ракави кои на краевите се широко отворени,, преден стан, заден стан и по два бочници од страните. Везбено најбогата е невестинската голема кошула или црнета кошула. Застапени се алена, ѓувезна, црна и жолта боја, а од везовите најпознати техники се орано, каделка, писано и грабено.
Гушале – парче од бело платно, за покривање на предниот граден отворен дел од кошулата.
Калци-плетени волнени полуракави, носени од шаката до лактите. Калците носени до крајот на 19 век биле плетени од црна волна и преку целата должина биле прошарани со црвени и бели хоризонтални редови. Од почетокот на 20 век калците започнале да се плетат бели со црни шарки во долниот дел. Од истиот период, под влијание на градот и појавата на индустриски материјали, женските калци започнале да се изработуваат и од куповен материјал.
Сагија или саја е горна безракавна облека од памучно платно. Кроена е од следните делови: две поли, заден стан, а од страните по два мали бочника. Накитена е со рески во алова и црна боја. Невестинската сагија има и дополнителни полуракави со должина од рамото до лактите, богато украсени со алови реси.
Појасот е плетен од црна волна во вид на гајтани. 5 или 7 гајтани се пришиени еден за друг со помош на црн конец. Прилично е долг, од 10 до 30 метри. Се обвивал околу половината, а во него жените си чувале често чешел или огледалце.
Вутата е ткаена скутина која можела да биде од еден прегач, или прегач/чолтарче од две дипли. И двата вида се ткаени со прави хоризонтални шарки на црвена основа.
Гуна или горница е горна, безракавна облека со должина до над колената. Израборена е од бела или црна клашна, кроена од две поли, заден стан, а од страните по еден бочник. По рабовите е украсена со алови гајтани и со реси. Белата гуна е специфична невестинска облека што се облекувала на денот на венчавањето. Во време на жалост се облекувала наопаку.
Ѕиврите се волнени плетени получорапи без стапала, носени од глуждовите до под колената. Орнаментирани се со прави хоризонтални шарки на темна, најчесто црна основа.
Чорапи – волнени плетени, долги до колена, богато орнаментирани, особено оние за девојки и млади невести. Од Втората светска војна наваму започнале да се плетат најмногу чисто црни чорапи.
Пинците се изработени од говедска кожа, домашна или занаетчиска изработка. Поимотните уште во почетокот на 20 век носеле „чејли“, набавувани од градските занаетчии во Прилеп и Битола.
Коцел – украс за на коса. Се појавува во два вида: а) „коцле“ – во горниот дел со „приле” спелтено од природна коса и црвена волнена преѓа, а во долниот дел „кишчер” со рески и б) голем “коцел” – специјален невестински украс од црна волнена преѓа, составен од следните делови: „леса” исплетена од плетенчиња, „јаже“ со два „топа” и долу „ќушки“ со „главки“.
Обрус – специјално невестинско покривало за на глава од бело правоаголно парче платно (30 см х 1,50 см), на двата краја украсено со,,ткаен шар” на црвена основа и црвени реси долги 40-50 см; наоколу по рабовите извезен со „веѓи“. На главата се поставувал на следниот начин: едниот крај заедно со ресите се свиткува околу главата како чалма или во вид на венец, а другиот крај пуштен преку грбот се закачувал за десната страна од појасот. Како обележје на омажена жена се носи до крајот на животот.
Гајтан – правоаголно бело парче платно, везено и накитено со пари и разнобојни мониста; се носел закачен за невестински „коцел” – под појасот; на долниот крај украсен со „Ресулки“ од мониста и бели “жапки”.
Шамија-бела шамија/тулбен носеле девојките; невестите и младите жени носеле „аловен тулбен”; постарите жени носеле темно црвени или црни шамии; како знак за жалост се носела темно црвена, а најчесто црна шамија. Во време на жалост косата се носела расплетена.
Накит: а) пафти со „подвеска” – ковани насреде со тока, кувенџиска изработка; б) обетки” за на “чалма” – накит за на глава, украсен со „трепки” – кувенџиска изработка; в) „решме” сребрен украс за на коцел со два реда „целки” – сребрени монети и две подресени алки; г) “копец” – украс за на пазуви и појас со два реда синџири подресени со сребрени пари; д) „шут копец” – со два синџира, кувенџиска изработка „тока-шута”, кована од сребро.
